Џек Николсон во филмот „Лет над кукавичкото гнездо“ (© 1975 – Warner Bros. Entertainment). Фото: IMDB, 2010
Владее дисциплина, беспоговорна лојалност кон партијата/фамилијата на власт и општа принуда по пат на надзор, наместо договор или координација. Суштински сме исклучени од „надворешниот“ свет, бидејќи тој не е достоен на нашето историско минато и вечна слава, слава ни. Послушниците добиваат милост од владетелот, а за турканицата да му се бакнат нозете уредно се известува низ строго контролираните медиуми: неколкумина повешти ласкавци од пред две-три години, фала-богу, веќе заминаа за амбасадори, но ќе треба да издржиме уште неколкумина упорни додека од фамилијата не ја добијат заслужената награда. Оние што се бунат се стереотипизирани (соросоиди, предавници и сл.) и сведени на поединци кои не го разбираат „духот на времето“.
Пишува: Сашо Орданоски
[Според добро информирани „БЛОГЕРСКИ“ извори, Македонската влада деновиве ќе излезе со нов предлог на закон, кој истото попладне по скратена собраниска постапка (читај: без постапка) ќе биде изгласан во закон, со кој ќе се заостри казнената политика во државата. Имено, секој државјанин на Македонија со наполнети 16 години кој цели 30 дена не е казнет од некој државен орган или инспекциска служба ќе има можност во рок од 15 дена да го пријави до надлежните институции својот случај, по што ќе му се одреди казна во зависност од неговата социјална состојба и политичка припадност утврдена на последните тајни и слободни парламентарни избори. Оние што нема да го пријават делото ќе се казнат со одземање на правото на следните демократски и фер избори да гласаат за опозицијата, плус парично во износ од пет просечни плати исплатени во МВР на име на министерката Јанкуловска. Законот ќе има ретроактивна важност и ќе се однесува на периодот од основањето на ВМРО-ДПМНЕ кон крајот на 19 век, наваму. Како олеснителна околност законот предвидува плаќањето на казната за неказнуваност да може да се направи на две рати, од кои првата би се плаќала однапред, на денот на поднесувањето на пријавата, а втората не подоцна од три часа од плаќањето на првата рата. Од казнување по основ на неказнетост ќе бидат ослободени социјални случаи со приходи пониски од 500 денари годишно, болни од ебола и членови на владејачката ДПМНЕ со членски книшки извадени по 2007 г. Во образложението на овој нов закон стои дека така собраните средства од казни на граѓаните ќе бидат искористени за привлекување на нови странски инвестиции во слободните финансиски зони кои се надвор од здравата памет, за плаќање на банкарските провизии за трансферот на пари на оф-шор сметките од страна на двајцата главни бизнисмени на власта кои поседуваат 87% од македонската економија, како и за подобрување на техничките капацитети во МВР.
Законот ќе стапи на сила три дена по објавување на ТВ Сител.]
СИСТЕМОТ СТАТИЧЕН, КАЗНИТЕ ДИНАМИЧНИ
Системот на казнување е важен дел од секоја „тотална институција“. Тој ја одржува свеста за хиерархијата и за статичноста на системот, за неменливоста на позицијата на власта во однос на владеените.
Македонија под повеќегодишниот популистички апсолутизам на ДПМНЕ сѐ повеќе наликува на општество уредено според правилата на тоталните институции: како место (според Ервин Гофман) на принуден престој и работа на поголем број индивидуи, кои се отсечени од пошироката (демократска) заедница и каде заедно водат затворен и формално администриран начин на живот. Додуша, би било претерано да се тврди дека состојбата во Македонија е иста со овој опис што е близок до дефиницијата за казнената институција затвор или на некаков вид на работен логор – конечно, секој може да си оди бесповратно од земјата кога ќе посака, што не е вообичаено за затворите или конц-логорите; но, македонското општествено-политичко цуштенде не е далеку од концептот на воена касарна што, исто така, спаѓа во еден подвид на тоталните институции. Сите сме собрани на едно место, под една и неспорна власт, онаа на фамилијата. Ако не сте дел од фамилијата, дозволено е да ја носите униформата и да бидете исто третиран како и останатите во униформа. Распоредот на наметнатите активности е цврсто временски и содржински утврден „со Устав и закон“ (Гордана Јанкуловска), со постоење на формални правила, раководна структура (фамилијата) и арбитрарен систем на казни (награди нема, бидејќи најголемата награда е отсуство на казни; а и кога наградите ги има, тие се резервирани за фамилијата и прислужниот персонал). Целта е едноставна: создаден е распоред на принудни активности како дел од рационален план креиран за заедничко постигнување на зацртаните цели на преродбениците: што подолго владеење, за што потемелна редистрибуција на општественото богатство коешто ќе се ужива со карти во еден правец.
Но, сличностите меѓу денешната популистичка Македонија и природата и устројството на тоталните институции не завршува тука. Во ваквата Македонија процесот на владеење е високо бирократизиран и постојано се носат нови закони, правилници, рокови, формални односи, распореди, рестрикции, униформи… (во оваа смисла, долго ќе се памети ентузијазмот на Никола Тодоров со кои еднаш неделно објавува некакви најнови реформски мерки кои веќе наредната недела свечено пропаѓаат!). Во државата постои строга поделеност на супериорниот персонал/фамилијата и инфериорните штитеници/граѓаните. Владее дисциплина, беспоговорна лојалност кон партијата/фамилијата на власт и општа принуда по пат на надзор, наместо договор или координација. Суштински сме исклучени од „надворешниот“ свет, бидејќи тој не е достоен на нашето историско минато и вечна слава, слава ни. Послушниците добиваат милост од владетелот, а за турканицата да му се бакнат нозете уредно се известува низ строго контролираните медиуми: неколкумина повешти ласкавци од пред две-три години, фала-богу, веќе заминаа за амбасадори, но ќе треба да издржиме уште неколкумина упорни додека од фамилијата не ја добијат заслужената награда. Оние што се бунат се стереотипизирани (соросоиди, предавници и сл.) и сведени на поединци кои не го разбираат „духот на времето“.
МАЛКУ ЧУВАРИ, МНОГУ ПОСЛУШНИЦИ
Врвната тајна (и намена, врпочем) на тоталните институции е што, така организирани и управувани со „цврста рака“, тие овозможуваат релативно мал број на чувари да се грижат за покорноста на голем број на оние што се под нивна контрола. Штитениците се упросечени, натерани на прилагодување, со негувана доза на апатија и со поттикнато чувство дека „добро е, зашто може и полошо“! Тоа во психологијата се нарекува „ситуационо повлекување“ и претставува земање предвид само на настаните околу своето физичко/семејно опкружување и неучество во ништо општествено пошироко. Во обидот да ја рационализираат својата безнадежност, штитениците во тоталните институции измислуваат разни изговори и ламентации („виша сила“) за сопствениот недостаток од храброст да му погледаат во очи на „чуварот“, а сопствениот кредибилитет го враќаат преку припишување вина за сопствената состојба некому друг (опозицијата, Западот, ЕУ, САД, Грција итн.). Промените секогаш се чекаат „одозгора“, никогаш не стартуваат од „базата“. Не се малкумина од оние кои пристапуваат и кон тнр. конверзија, односно прават обид себеси да се трансформираат во сликата што персоналот на тоталната институција Македонија ја има за тоа како треба дисциплинирано и моралистички да се однесуваат граѓаните, дури и со извесен ентузијазам за воспоставениот ред во институцијата! Бидејќи времето во таквите институции поминува споро – времето „се убива“ со доброволно учество во активности (“removal activities”), коишто носат заборав за мизеријата во која се наоѓаат граѓаните: ајваријади, пифтијади, чорбијади, чваркијади, појадоци на мост и ручеци на трева, пиволенди и фрлања крстови во легени со вода, разни чудотворства и богомолства, големи спортски успеси, хорско пеење, курсеви за плетење итн. Тоа на многумина им овозможува секундарноприлагодување, техника која директно не го конфронтира поредокот, но остварува малку поширок „маневарски простор“ за штитениците (неформална, но кодирана социјална контрола на некој простор/процес – исхрана, секс, спорт, медицинска нега и тн.).
Секој што ќе се обиде да се одметне, завршува како Џек Николсон во „Летот над кукавичкото гнездо“: заврзан во (општествена) лудачка кошула и со зголемена доза на присилно дадени апови за смирување. Ако и тоа не помогне, се апси и се праќа во ултимативните тотални институции, во Шутка или Идризово.
Како и во секоја тотална институција, така и во нашава држава, поредокот зависи од моќта на власта да испорачува минимални привилегии (плата од 8.000 денари, на пример) на критичен дел од поданиците, но и максимален ред, работа и дисциплина за сите. Додека се одржува тој „баланс на силите“, институцијата функционира, бидејќи активноста на социјалните ставови на населението (читај: подготвеноста да земат стап за да се справат со сопствената лоша живеачка) е на ниско ниво. Но, целиот ваков недемократски систем, во суштина, е една голема латентна криза која дневно се менаџира. Бидејќи таквиот статичен систем не обезбедува општествен развој ниту напредок, само е прашање на време кога бројот на џек-николсоновцитево тоталнава институција ќе го надмине бројот на нејзините чувари.
Како што гледаме, може да потрае. Затоа, уште утре уредно пријавете дека не сте казнуван во последните 30 дена и искористете ги поволностите што ви ги нуди системот за плаќање на казната за неказнуваност. Тој сервис за граѓаните работи 24/7.
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).