Министерот за одбрана Зоран Јолевски, на сите граѓани на Република Македонија им го честита Денот на народното востание 11 Октомври, ден кога Македонија се крена против фашистичкиот окупатор и застана на страната на правдата и прогресот.
– Слободата и мирот се нераскинлив дел од македонското битие. Нашите граѓани, нашите борци за слобода, увидоа дека Европа и светот се наоѓаат пред едно од најголемите зла на човештвото и цврсто и непоколебливо застанаа да се борат против него. И денес, македонските граѓани и македонската Армија исто толку цврсто и непоколебливо се борат за зачувување на светскиот мир, на слободата и демократијата за сите оние кои тоа го немаат, стои во честитката од министерот Јолевски.
Во честитката по повод 11 Октомври, Јолевски посочува дека нас ни останува, вечно да го паметиме она што борците во 1941 година го направија за нас и нашата Македонија.
– Нека тоа ни биде поттик за уште поголем влог во развојот на Република Македонија во иднина, стои во честитката.
По повод празникот 11 Октомври, делегации од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, денеска положија венци со свежо цвеќе во Скопје, Куманово и Прилеп.