Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, заменик министерот Спиро Ристовски и државниот секретар Елизабета Тодоровска имаа средба со претседателите на студентските парламенти на државните универзитети во земјата.
На средбата, како што соопшти ресосрното Министерство, се дискутирало за тековните реформи, што ги спроведува Владата во насока на унапредување на системот на високото образование и на студентскиот стандард, како и за планираните реформи.
Министерот Адеми се осврнал на идејата за воведување државен испит на факултетите, за која, како што нагласил, сеуште е во фаза на анализирање и јавна дебата.
– Потенцираше дека се работи за иницијатива базирана на искуства од европските земји, чија главна цел е подобрување на квалитетот на високото образование и доколку се реализира, во никој случај не би ја загрозила автономијата на универзитетите, се вели во соопштението на МОН.
Престедателите на студентските парламенти изразиле подготвеност за продолжување на соработката со ресорното Министерство во насока на реализација на взаемните приоритети.
Взаемен став на првите луѓе на студентските организации, како што е наведено, е дека поддржуваат дебата и активно вклучување на сите засегнати страни во реализирање на идејата за државен испит, а особено на академската заедница, со единствена цел, тоа да биде во корист на студентите.