Најмалку две лица загинаа, a петмина се водат како исчезнати откако моќниот тајфун Фанфон денеска зафати големи делови на Јапонија, вклучувајќи го и Токио, јави ДПА.
Тајфунот Фанфон мина преку градот Хамамацу, во централниот дел на Јапонија, соопшти националната метеоролошка служба.
Околу 2,7 милиона лица беа посоветувани да се евакуираат од своите домови, но повеќето предупредувања во меѓувреме беа повлечени, посочи агенцијата Кјодо.
Уште се во сила предупредувањата за свлечишта од кал, што се формираа од надојденитереки и силните ветрови во некои делови на земјата, посочи метеоролошката служба.
Во источна и централна Јапонија десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Во градот Шизука количеството на врнежи достигна 87 сантиметри на час.
Две лица во Јокохама се исчезнати откако утринава две свлечишта затрупаа храм и станбен блок.
Вчера 58-годишна жена беше пронајдена мртва откако паднала од висока скала за тоеме на силен ветар на островот Окинава, соопшти сајтот „Окинава тајмс“.
Тројца американски воени пилоти вчера беа однесени од големи бранови. Едниот бил пронајден мртво додека другите двајца се исчезнати, соопшти американската военовоздухопловна база Кадена.
Властите трагаат и по студент кај водите на градот Фуџисава, јужно од Токио. Тој отишол да сурфа и оттогаш е исчезнат, соопшти телевизијата Ен Ејч Кеј.
Воздухопловните власти откажаа повеќе од 600 летови, закажани за денеска. Многу возови, исто така, привремено се запрени.