Ракометарите на Вардар се покажаа во одлично светло на првиот меч во новата сала, совладувајќи го тимот на Чеховски медведи со 39:28. Ипресиониран и горд на играта на своите избраници беше и тренерот Раул Гонзалес, кој посебно ја потенцираше одличната игра во првиот дел.
“Ова беше наш прв натпревар во новата сала и поради тоа атмосферата во екипата пред натпреварот беше напната, бидејќи не знаевме како ќе течат работите. Сепак, во првиот дел гледавме прекрасна претстава, нашите ракометари играа одлично, како во нападот така и во одбраната, и ме направија навистина среќен. Во вториот дел имаше мало опуштање во играта, но тоа е нормално при еден таков резултат на полувремето. Очекувам ваква игра и во иднина”.
Шпанскиот ас во нашиот тим Алекс Душебаев беше втор најефикасен играч во нашата екипа со седум гола, еден помалку од најефикасниот Тимур Дибиров.
“На натпреварот му пристапивме многу сериозно, бидејќи беше првиот одигран пред нашата публика во новата сала. Сите љубители на ракометот посакуваа победа, а ние ја постигнавме, и среќен сум поради тоа”.