Жените доживуваат релативно многу повеќе насилство отколку мажите и психолошкото насилство е повеќе присутно отколку физичкото и сексуалното.
Ова го истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов повикувајќи се на истражувањата направени во периодот меѓу 2009 – 2012 година на регионалната работилница на тема „Патот за подобрена заштита на жртвите и посилен прогон на родово базираното насилство и семејно насилство“ што денеска и утре се одржува во Скопје.
– Бројките и процентите немилосрдно говорат дека жените во огромен процент се жртви на физичкото насилство споредбено со мажите, како и фактот дека мажите се јавуваат доминантно или целосно како извршители на психолошко, физичко или сексуално насилство. Полот има значење на суштествен фактор на ризик за насилство врз стари лица, т.е. жените се најчесто изложени на сите видови насилство само заради тоа што се жени, потенцира Спасов.
Насилството во семејството, според него, претставува кршење на човековите права на жртвите и е пречка за остварување на фундаменталните слободи и права.
– Тоа е сериозен предизвик, кој има негативно влијае во секојдневниот живот во многу семејства, и токму затоа, Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика пристапија кон решавање на семејното насилство на еден темелен, одлучен и енергичен начин со цел воспоставување на прифатливи стандарди на однесување и висок цивилизациски степен на комуникација меѓу жените и мажите, истакна ресорниот министер.
Спасов посочи дека со регулирањето на семејното насилство во позитивното законодавство државата воведе задолжителното давање соодветна заштита на жртвата на семејно насилство, како и дополнителна правна заштита на жртвите во овие случаи.
– Во националното законодавство на Република Македонија регулиран е проблемот на семејното насилство како во граѓанското, така и во казненото законодавство, со што се обезбеди сообразност со меѓународните стандарди и препораки во оваа сфера, кои налагаат воведување на сеопфатни законски решенија, односно превенирање и сузбивање на семејното насилство и воведување на привремени мерки за заштита на жртвите, рече Спасов.
Борбата со семејното насилство, според него, бара вклучување на сите, потсетувајќи дека нодамна е донесен Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, кој ќе стапи на сила од 1 јануари идната година.
– Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство има за цел да се создаде сеопфатна правна рамка со која системски ќе се унапредат состојбите против семејното насилство во нашата земја, преку креирање на координиран и интегриран систем во сите подрачја на делување. Овој закон, значително ќе го намали семејното насилство, ќе биде нагласена заштитата на потенцијалните жртви, и се предвидуваат построги казни за сторителите, појасни Спасов.
Основните начела, на кој се заснова законот се почитување на достоинството и личниот интегритет на жртвите на семејно насилство, третирајќи го овој проблем како повреда на основните човекови права. Како основни начела предвидени се начелото на итност и одговорност на надлежните институции, интерсекторско постапување и координирање.
Системот на заштита на жртвите на семејно насилство, додаде дека е подобрен преку отворање на советувалишта за деца и родители жртви на семејно насилство, едно советувалиште за сторители на семејно насилство, како и воспоставување нов регионален Центар за згрижување на жртви на семејно насилство,…
Пратеничката Лилјана Поповска, која е претседател на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите посочи дека Македонија е земја во која борбата со семејното насилство е работа на целото општество и оти има нагорна линија во борбата со семејното насилство. Во изминатите години се виде дека целото општество е потребно да биде ангажирано за да може да се дојде до резултати.
– Ако пред 10-тина години имаше скепска кај луѓето, кои велеа ќе донесеме закон, но дали некој ќе има храброст да се пријави според него. Кој ќе има храброст да се осмели јавно да каже дека најблискиот домашен го малтретира физички, психички или на било кој начин. Праксата покажа дека имало начини, имало храброст и луѓето ќе се борат за своите права, затоа што во меѓувреме се градеа институциите и луѓето стекнуваа се повеќе доверба дека институциите можат да ги заштитат и да им пружат пракса, посочи Поповска.
Постојаниот претставик на Обединетите нации Луиза Вингтон истакна дека борбата против родовото насилство за ОН е голем приоритет.
– Една од три возрасни жени во ЕУ има искусено физичко насилство во својот возрасен живот, додека седум отсто од ЕУ имаат искусено физичко насилство во изминатите два месеци. Тоа вклучува 62 милиони жени жртви во целиот живот и 13 милиони жртви годишно, рече Вингтон.
Во поглед на меѓународните стандарди претставничката на Советот на Европа Лиза Гормли ја спомена Истанбулската конвенција, која почна да се применува од 1 август. На подолг рок истакна дека Конвенцијата од Истанбул бара образување на децата за да се искорени насилството врз жените.