Во рамките на програмата на македонскиот штанд на Саемот на книгата во Гетеборг вчера се одржа Македонско пладне.
Манифестацијата со пригодно обраќање ја отвори македонската амбасадорка во Шведска, Алексанадра Наќева Ружин, која притоа го истакна значењето на напорите што се прават за афирмација на македонската култура и умтенички дострели во меѓународни рамки.
За концепцијата со која беше презентирана македонската издавачка продукција на саемот, зборуваше Нове Цветаноски од „Македоника литера“, нагласувајќи ја посебно определбата со посебен каталог на англиски јазик годинава на книжевнот саем во Гетеборг, најголема манифестација од таков вид во Скандинавија, да бидат презентирани дваесет македонски прозаисти.
Академик Луан Старова се осврна на значењето на големиот издавачки пројект „130 Тома македонска книжевност“, а за значењето на македонската преведувачка дејност на релација шведско-македонски книжевни врски и преводи зборуваше Лидија Димковска.
Во рамките на Македонското пладне беше промовиран и изборот од поезијата на Ивица Челиковиќ во превод на шведски јазик. Изданието е објавено под наслов „Сенки зад ѕидот“, а го објави „Македоника литера“ како дел од програмата за учество на Република Македонија на саемот во Гетеборг. За ова издание зборуваше професорот Венко Андоновски.
На Македонското пладне вчера учествуваше и познатиот шведски писател за деца Улф Старк, а со свои стихови се претатсвија група поети од Гетеборг, како и членови на Македонското поетско друштво „Дениција“.
Македонскиот штанд вчера го посети и Ингемар Нилсон, уредник за Источна Европа при едно од најголемите шведски книгоиздателства, „Бониер“.
Програмата на меѓународниот Саем на книгата во Гетеборг завршува денеска.