Во Македонија болестите на циркулаторниот систем (со 57,8 отсто во вкупната смртност), се најчеста причина за смрт. Од 19.000 смртни случаи, 11.000 се од кардиоваскуларни заболувања. Секоја година во Македонија се регистрираат повеќе од 3.000 срцевосадовни заболувања на 10.000 жители, а околу 160 се лекуваат во болница.
Ова денеска го истакна Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје на Република Македонија на прес-конференција по повод одбележувањето на 29 Септември – Светскиот ден на срцето, кој годинава се одбележува под мотото „Живеј, работи, игра си, придружи се!“.
Целта е, како што посочи, Институтот и неговите партнери, заеднички да ја подигнат свеста на граѓаните за потребата од здрав стил на живот кој ќе доведе до превенција на болестите, особено срцевосадовни болести, а со тоа ќе се овозможи подолг живот и подобар квалитет на животот.
– Десет илјади граѓани годинава направиле бесплатни превентивни прегледи кои секоја година се спроведуваат во цела држава за разлика од 2013 година кога беа регистрирани околу 8.000 такви прегледи. Ова покажува дека сите активности поддржани од Владата, невладиниот сектор за унапредување на здравјето и повикот за редовни превентивни прегледи веќе даваат резултати, рече Ќосевска.
Додаде дека според податоците на Светската здравствена организација, околу 17 милиони луѓе во светот умираат од срцеви заболувања, што е околу 30 отсто од вкупната смртност.
Директорката на Здравствен дом-Скопје, Тања Баевска Вучковиќе рече дека кардиоваскуларните заболувања се лидери во однос на морбидитетот и морталитетот, а превенцијата има клучно место.
Посочи дека се обидуваат да ги сменат лошите навики на граѓаните, да се подигне здравствената свест и совест за самозаштита и самогрижа и да се остранат сите ризик фактори.
– Здравствениот дом-Скопје три години по ред во летниот период спроведува превентивни активности за заштита од високи температури и топлотни бранови. Две години по ред во текот на шест месеци реализираме бесплатни превентивни прегледи заедно со Институтот за туберкулоза во Скопје на територија на државата во рурална средина во викенд период и тие извештаи ги доставуваме до Институтот за јавно здравје, додаде Баевска Вучковиќ.
По повод 29 Септември, Светскиот ден на срцето, на 28 септември (недела) во Градскиот парк пред Школа во 9 часот ќе почне неколкучасовна манифестација во рамки на која ќе се вршат бесплатни превентивни прегледи во организација на Здравствен дом-Скопје, ќе биде изведена драмската претстава „Ах, возрасни, возрасни“, ќе се одржи ликовна работилница, ќе се делат книги, боенки, детски хор ќе изведе неколку песни, а ќе има и натпревар во брзо одење.