ТВ ДНЕВНИК: Невреме на отворено, информативно „невреме“ на ТВ екраните

Од:

Најавна шпица за вести на Канал 5: Колаж: СПФМ

 

Секоја телевизија во делот на информативните емисии би требало да биде препознатлива, да има свои моменти и да ја исполни улогата која ѝ е дадена. Од една национална телевизија, пак, се очекува во ударниот термин на вестите да биде барем своја. Но, тоа не се случи на 13.09.2014 година (сабота). За што станува збор? Овде ќе се обидеме да ги анализираме вестите, кои како новинарски производ мора да имаат воспоставено и новинарски стандарди

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

 

[Преглед на прегледот вести: Канал 5, сабота, 13. септември 2014 година, 18.00 часот]

 

Народот вели дека по утрото се познава денот, но тоа не беше случај со овие вести. Иако почнаа со веста за невремето во Македонија, кое секако заслужува да се најде на прво место, тоа не значеше дека настанот го доби третманот што го заслужува. Веста за силното невреме, во кое скопските улици беа под вода, летаа кровови, паѓаа дрва, заслужуваше многу поопсежен прилог, но, љубопитното око на гледачот мораше да се задоволи со прилог од едвај 30 секунди. А, еве како изгледаше тоа невреме во скопски Чаир, на пример, од овој видео клип споделен на социјалните мрежи:

Вториот момент, која предизвикува „невреме“ во мислите на гледачите е преземањето цели прилози од други (конкурентски) телевизии, како и преземањето на текстови од портали, едвај прилагодени за телевизиски формат. Иако секоја телевизија претендира да биде своја и прва во известувањето, неразбирливо е зошто во овие вести е преземен цел прилог од телевизија Алфа. За утеха, истиот прилог беше преземен и на телевизија Сител .

 

ПРОПАГАНДИСТИЧКА УЛОГА

Прилогот со наслов Заев му се додворува на Црвенковски преку враќање на старите кадри ги немаше запазено новинарските стандарди кои инсистираат да се слушне и другата страна и тоа особено кога таа е онаа која е нападната. Во прилогот се вели:

Зоран Заев и ги враќа Игор Ивановски и Гордан Георгиев во СДСМ, откриваат партиски извори за Алфа телевизија. Партиски извори од СДСМ, незадоволни од додворувањето на лидерот кон Бранко Црвенковски, откриваат дека Заев сакал да има целосна поддршка од поранешниот лидер и му предложил Ивановски и Георгиев, кои беа и првиот избор на Црвенковски во спроведување на политиките додека тој ја водеше партијата, тие повторно да бидат во највисоките партиски органи, објави Алфа.

Прво што боде очи во прилогот е зошто би било ексклузивно да се објави дека Ивановски и Георгиев се враќаат во СДСМ?! Тие ниту се исклучени од партијата, ниту рекле дека не сакаат никогаш повеќе да се вртат во неа. Тогаш, што е спорно? Дека биле блиски луѓе (што во превод значи на раководни позиции во СДСМ) во времето кога поранешен претседател на партијата бил Бранко Црвенковски? Нема никаков преседан во ова за да биде ударна вест. Напротив, на македонската политичка сцена се случувале преседани од тоа да луѓе од една партија преминат во друга, и тоа на раководни позиции, па тоа не предизвикало олкава бура. А, муабетите за тоа дали некој сака да се додворува некому, ќе им го оставиме на тинејџерите зошто тие им доликуваат, пред сѐ, ним.

Кога една телевизија својата улога од информативна ќе ја замени со пропагандистичка, се губи вистинската цел. А, тоа е да да известува непристрасно, објективно и според новинарски стандарди. Ако се сакало од овој преземен прилог да се оди чекор понапред во најмала рака требало да се побара мислење од СДСМ. Но, тоа не е сторено. Напротив, во прилогот значајно место му е дадено на комантирањето, при што се заклучува дека:

Според информациите од партијата, чести биле кавгите во редовите на раководството и неговото често ретерирање по што луѓето кои еднаш ги дистанцирал сакајќи да наметне кредибилитет потоа се премислувал и повторно ги враќал во игра. Ваквата нестабилност на Заев во раководството на партијата кај многу членови во СДСМ предизвикала револт и негодување, објавува Алфа.

И овој дел е паушален, без факти, без извори, само нафрлани претпоставки кои се недокажливи. Во прилогот единствено „позитивно“ во однос на вообичаената пракса е тоа што не е повикан „експерт“ кој само би ја потврдил наметнатата теза.

 

ПРЕЗЕМАЊЕ ДО ПРЕЗЕМАЊЕ

Вториот преземен прилог беше од порталот Курир, кој, исто така, беше цитиран или препобјавен од редица блиски провладини медиуми.

Последниве неколку години во македонското новинарство стана практика да се прават телевизиски прилози од текстови на портали. И тоа е многу честа појава. Притоа, не се внимава на никаква телевизиска подготовка која треба да следува, туку текстот само се препрочитува. Таков е случајот и во овој прилог, каде им се остава на помлади колеги само да го прочитаат текстот, со што ја „збогатуваат“ својата колекција од прилози.

Речиси секојдневно подолг период и меѓу ударните „се вергла“ една иста тема за Фондацијата отворено општество Македонија (ФООМ – Сорос Фондација). Така беше и во ова издание на вестите. И тука не се водело сметка за вистинитоста и за изворите. Се нафрлаат паушални тези и се измешани „баби и жаби“. Иако самиот ФООМ секоја година објавува извештаи за тоа каде финасирал проекти и настани, тоа во ниту еден прилог на телевизијата (па ниту во овој) не е земено предвид. Згора на сѐ, паушално се тврди дека парите од оваа Фондација одат во нечии џепови, а спомнати се и имиња на неколку новинари. Прилогот очигледно манипулира, спинува и ја извртува вистината, но сето тоа е ставено во втор план, зашто наважно е да се препрочита написот од Курир без оглед на тоа што стои во него. И овде, како по обичај, не е испочитувано основното правило да се слушне другата страна, и тоа онаа која е директно нападната.

 

ИНФОРМАТИВНО „НЕВРЕМЕ“

Како капак на информативното „невреме“, на какво што заличуваа овие вести, беше мини разговорот со историчарот Никола Жежов. Веднаш штом се спомнува неговото име, читателите кои се подобро информирани знаат на која страна ќе дува ветерот. Темата беше полемиката во јавноста околу револуционерното минато на Андон Јанев Ќосето. Со оглед на тоа што не можат да се побијат фактите дека во својот 100-годишен живот овој комита убил 100 луѓе , мини интервјуто беше насочено кон оправдување на овие дела. Притоа, Жежов тврди дека сето тоа било во корист на македонската нација, а по наредба на Гоце Делчев и Јане Сандански. Но, во сето тоа беше „заборавено“ да се спомене и да се објасни дали сите убиени луѓе биле „предавници“ и дали Ќосето заслужува таков грандиозен споменик каков што му е изграден. Мораше да се нападне и комунизмот за цензура во историјата, како и да се пофали сегашната владејачка партија за отворањето на очите кај Македонците за своите револуционери.

Исто така, гледајќи ги и другите информативни изданија на националните телевизии се забележува дека истата тема за одбрана на ликот и делото на Ќосето беше разработувана и на телевизија Сител. И таму имаше гостин (во живо), историчарот Теон Џинго, кој ги имаше истите ставови, како и професорот Жежов, а кои сублимирано изгледаат вака:

Тоа што Ќосето го извршувал било наредба од самиот Централен комитет. Освен од Даме Груев, добивал наредби и од Христо Татарчев. Подоцна соработувал и со Гоце Делчев. Ќосето имал извонредна соработка и со Јане Сандански, тој не учествувал само во егзекуциите, туку учествувал и во киднапирања, учествувал во грабнувањето на американската мисионерка Мис Стон.

 

ПРОПУШТЕНИ ВЕСТИ

Она што, исто така, е неприфатливо, е што поради вакви прилози во вестите немаше место за ниту една вест од светот, освен за невремето во Хрватска. Една национална телевизија треба да одвои време за вестите од светот, ако заради ништо друго, тогаш барем заради фактот што Македонија не е ниту единствана, ниту, пак, изолорана земја на планетата.

На пример, не остана време да се информира за преименувањето на училиштето Цветан Димов од Чаир во Хасан Приштина, како што не се кажа ни збор за кавгата меѓу Никола Груевски и Али Ахмети, како што беше објавено дента во медиумите.

Над 10 минути во вестите беа одвоени за тројцата македонски ултра маратонци на планински предели. Тоа беше убаво и добро е што имаше и такво јавување во живо, но кога недостигаат некои од главните настани во земјава, ова изгледаше по малку чудно. Од друга страна, пак, овој настан (трката околу Мон Блан) се случи пред 10 дена, па остана дилемата зошто токму денес имало причина за овој прилог.

Добра работа заврши и новинарката од Битола, Анита Шијакова, која во живо се јави од Домот на Културата пред почетокот на Фестивалот Браќа Манаки, каде имаше кус разговор со директорката Лабина Митевска. Но, сенка врз овој прилог фрли вечерното, последно издание на вестите, во кое немаше ни збор за кавгата на Митевска и режисерот Столе Попов пред пречекот на Оскаровката и гостинка на фестивалот, Жулиет Бинош.

Овие вести не ја задоволија својата функција. Немаше, или беа прескокнати други важни настани за сметка на некои помалку битни. Затоа, пак, пропагандистичкиот момент на некритичко фаворизирање на една политичка опција (онаа на власта) беше целосно запазен, а тука телевизиите блиски до таа опција личат една на друга како јајце на јајце.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска