„Нетрополитан Клуб“ е веројатно најексклузивната онлајн заедница. Како што постојат ексклузивни клубови во кои се собираат најбогатите и најуспешните во вистинскиот живот, такво место постои и на интернет.
Некој очевидно посакал ВИП личностите да се издвојуваат од останатите и на интернет. Оваа заедница е претставена како „онлајн кантри клуб за луѓе кои имаат повеќе пари отколку време“. За да се стане член на „Нетрополитан“ потреба да се плати 9.000 долари само за регистрација, а потоа годишна чланарина од 3.000 долари.
Станува збор за социјална мрежа во која се запознаваат истомисленици ширум светот, кои делат еднаков животен стил и интереси. Сервисот не е достапен за јавниот интернет, а целиот пренос меѓу членовите на „Нетрополитан“ е кодиран.
Оваа социјална мрежа за елитата ја создал Џејмс Тачи-Питерс, поранешен диригент на филхармонискиот оркестар од Минесота, бидејќи сметал дека треба да постои „средина во која може да се зборува за поубави работи во животот“.
Тој ветил дека оваа веб страница нема да има огласи и ќе постојат модератори, кои ќе бидат постојано на услуга.