Избор од поезијата на Ивица Челиковиќ во превод на шведски

Од:

Избор од поезијата од македонскиот поет Ивица Челиковиќ во превод на шведски јазик и со наслов „Сенки зад ѕидот“ деновиве излезе од печат во издание на „Македоника литера“ во Скопје.

Ова издание е објавено како дел од програмата за учество на Република Македонија на меѓународниот Саем на книгата што од 25 до 29 септември ќе се одржи во Гетеборг, Шведска.

Во изборот, кој ќе биде промовиран на книжевниот саем во Гетеборг, се застапени песни од сите поетски книги на Челиковиќ, во првите шест циклуси, додека последниот, седми циклус, содржи дел од песните кои ќе бидат поместени во неговата нова стихозбирка.

За врвната поезија – се истакнува во поговорот што го напиша Венко Андоновски – се вели дека е зрно во кое се огледува целиот космос, дека е желад во кој се гледа идниот даб, дека е зрно пченка во кое може веќе да се види идното жнеење на цела нива класје. Така е и овде: поезијата на Ивица Челиковиќ почнува каде што привршува, и привршува каде што почнува. Таа е феноменолошка спирала на тонење во потрага по идентитетот: тема број еден во светската поезија и проза денес.

Ивица Челиковиќ живее и работи во Гетеборг, Шведска. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1990 година, а од 2003 година е член на Сојузот на шведските писатели.

Автор е на книгите: „Школки во рацете“ (поезија, 1990), „Долги граници со небото“ (поезија, 1992), „Метаморфози на патот“ (поезија, 2002), „Зад источната линија“ (роман, 2004), „Возови во пајакова мрежа“ (поезија, 2006), „Праг и огледало“ (поезија, 2008), „Во ѕидот знак“ (поезија, 2010).

Неговите стихови се преведувани на англиски, шведски и персиски. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои „Млада Струга“, „Златно перо“, „Иселеничка грамота“ и „Стојан Христов“.

Преведува шведска и норвешка литертура на македонски јазик. Превел триесетина дела од познати шведски писатели, меѓу кои од Аугуст Стриндберг, Селма Лагерлеф, Хари Мартинсон, Торгни Линдгрен, Биргита Тротциг, Астрид Линдгрен и Катарина Фростенсон.

Преведува и македонската литература на шведски. Составувач е на антологијата “Македонска поезија“ што во негов превод на шведски е објавена во 2005 година.

Би можело да ве интересира

Антолог: 22 дела во вториот круг за наградата „ДРАГИ“ 2024

МОН за доцнењето од три месеци: Авторите немаа интерес да достават предлог учебници

A1on

Десет книги за античката филозофија од академик Витомир Митевски

Излезе петтиот број од книжевното списание „Книжевни елементи“

А1он

Во сите книжарници „Литература.мк“ се слават денови на литературата, овој пат со попусти до 70 отсто

Жарко Настоски

Објавена книгата „Хотел со големо Л“ од Шурд Кајпер

А1он