„Пад“ на астероид за гледаност по секоја цена

Од:

Апофис е астероид кој може да биде опасен и кој ќе мине крај нас во 2029 година, кого во поделбата на работите го следат руските астрономи. Фото: НАСА архив, 2012

 

Канал 5 се обиде да го примени трикот на Орсон Велс со неговата радио драма за Марсовците, најавувајќи огромен астероид кој оди кон Земјата, додека НАСА е во „паника“

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Во попладневневните часови во петокот (12 септември), додека на Канал 5 одеа турските серии, се појави кајрон кој веројатно ги загрижи сите оние кои имаа концентрација да ги тргнат очите од дејствието на ТВ новелите. Преку кајронот, кој постојано одеше горе на екранот, можевме да прочитаме најава за две вести од кои едната беше алармантна. Стоеше дека НАСА е во паника, а на планетата Земја ѝ се заканува огромен астероид.

И додека дел од семејството продолжува да ја следи серијата, пребарувањето по Интернет на така драматично сознание не резултираше со ништо што барем малку би личело на вест. На пример, дневниот преглед на вести на Yahoo.com немаше никаква сензација од тој тип, ниту во првите 100, ниту, пак, вакво нешто можеше да се најде на сајтот на НАСА, дури и кога упорно ќе барате макар некаква свежа информација за било каков астероид. Нека е и „едно ронче“.

И, човек може да си помисли дека можеби телевизијата има специјални врски со НАСА и поседува ексклузива која ја нема целиот свет?!

 

СМЕТКИТЕ ЗА СТРУЈА ВАЖНИ И ПОКРАЈ ТОА ШТО АСТЕРОИД ЌЕ НЀ УНИШТИ

Во најавата на вестите за 18 часот (со слика од студио и преку глас на спикерка), десет минути претходно, веста за астероидот, кој ќе нѐ уништи, беше симната некаде петта по ред, што беше чудно и даваше шанса за спас на планетава. Ама, стартот на вестите беше повторно „на ниво“ и ова стана вест број два и во структурата го задржа истото место, после охрабрувачката вест (број еден) дека во иднина, нема да ни ја исклучат струјата ако не платиме два месеци. Човек да си рече – зошто би платиле струја ако сите ќе умреме? Подобро е да се потрошат тие пари во првата меана, уште вечерва!

И конечно, водителот проговори за НАСА, паниката и астероидот, со тоа што сите нѐ помилува за кусо – крајот на цивилизацијата го одложи за 2020 година. Конечно малку здив. Кога ја спомна 2020, даде повод по ново упорно трагање: па 2020 може да биде нумерички број на некое небеско тело. И – Еурека! Такво постои под целосно „име“ 2020 DA 14 и вест од тој тип е веќе објавена ама пред две и пол години!

ilustracija-lekcija-lubomir-09876-09800-asteroid

Апфис, илустрација од 2013 година. Фото: Архив на НАСА/Softpedia

Тогашната вест како да сакала да нѐ возбуди и да нѐ „загрее“ за својата сторија под наслов „Огромен астероид би можел да ја погоди Земјата во 2020 година“, ама првата реченица е разочарувачка, бидејќи се вели дека „новооткриениот астероид би можел да дојде толку блиску до Земјата што би можело да ги погоди (некои) комуникациски сателити“. На прашање дали постои шанса да бидеме погодени малку подиректно, од НАСА „велат дека шансите за тоа удирање на Земјата е само 0,031 отсто“. Навистина не може да се отфрли можноста дека тоа тело би можело да нѐ удри по својот следен лет ако помине во 2020 година. Притоа, се додава дека „точната орбитала (патот на астероидот) сега е утврдена од страна на НАСА, но астрономите се загрижени дека тоа, сепак, би можело да е доволно блиску за да дојде во контакт со сателит (пак тој сателит). Прашаниот Пол Ходас за орбитата на астероидот во 2020 година вели дека „ќе биде многу блиску до Земјата, на редовна основа.

Астероидот кој минал крај земјата во мај 2012 година го виделе оние кои имале силен телескоп до себе и тој минал на околу 40 илјади километри вон планетава. Дури тоа тело и да ни се приближи при повторно враќање (во мигот, значи, тој и теоретски не „ни се приближува“, туку се оддалечува од нас), според астрономите од НАСА „ќе го погоди Антарктикот или Јужниот Океан“, а ако би паднал во населено подрачје не би направил голема штета. Толку од спектаклот! Но, ниту трага во веста на Канал 5 од некаков реален и актуелен извор! А, водителот, од друга страна, пак, се повикува на „веста која ја има во сите светски медиуми“!

 

АСТЕРОИД, ВСУШНОСТ, НЕМА ДА НЀ УНИШТИ

Во рамките на веста водителот преку линк е го повика Радан Митровиќ, член на скопското астрономско друштво и тие линковски (што говори за посебни подготовки за оваа „важна вест“) си разговараа за овој астероид, кој наводно ќе нѐ удри во 2020 година (разговорот може да се види овде). И веднаш студен туш: ниту е НАСА во паника, ниту има таква опасност, вели Митровиќ. Тој додаде дека штета може да има од астероид кого не го знаеме (како оној во Челјабинск), но не и од познат астероид како што е оној 2020 „и кусур“; другите се толку мали што не можат многу ѝ да наштетат на планетата. (Да објасниме: во веста се говореше за познат и голем астероид). Астрономот Митровиќ стриктно и повторно нагласи дека нема никаква глобална опасност од некаков астероид! Но, и после гостувањето на стручњакот, кајронот со сензацијата течеше за време на целото траење на вестите, едно половина час потоа.

Овој метод на постепено создавање паника во рамките на содржина која нема врска со темата, е секако нешто што не е измислено во Македонија. Првпат е пласирано од страна на познатиот режисер Орсон Велс, како радио драма под наслов „Војна на световите“, која не беше најавена, а која беше вметната во пренос од концерт на сериозна музика! Беше емитувана за време на Ноќта на вештерките во октомври 1938. На слушателите на концертот им се пласирани вести дозирано, со сѐ погуста фрекфенција за тоа дека „овде и таму“ се спуштиле Марсовци и тоа создало паника – луѓето бегале од домовите, земале во автомобилите некои нужни работи и практично не знаеле каде да се скријат, особено во отсуство на други паралелни информации.

 

НЕ Е ВАЖЕН ПАДОТ НА АСТЕРОИДОТ, ВАЖНО Е ВРЗУВАЊЕТО ПОЈАСИ ВО АВТОМОБИЛ

Во овој случај се искористени ТВ сериите за да најави една неточна содржина, која навистина може да вознемири во голема мерка. Кајронот се пушташе сѐ почесто како што се приближуваа вестите во 18 часот, а спикерката потврдуваше дека нешто страшно ќе му се случи на светот (овој пат тоа не е авион кој паднал на Петровец). Фактот што за време на „развивањето на веста“ немаше ни ронка оправдување за ваква најава, ја прави трик за да се зголеми гледаноста на вестите, особено кога во нив има „важни вести“ – власта им ја олеснува битката на граѓаните со инкасаторите, како прво и премиерот Никола Груевски бара од граѓаните да врзат појас кога влегуваат во автомобил, како второ! Но, да се разбереме, во нормална земја ова не може да биде дозволив трик. Ако ширењето паника преку невистинита вест еднаш практично успеа – тоа е онаа вест дека паднал авион на Петровец (велиме дека успеа, бидејќи мина без активно учество на јавниот обвинител, што е скандал сам за себе), а тогашниот Совет за радио дифузија ја казни телевизијата само со два дена емитување на програма без реклами, овој последен пристап кон нешто што е многу сериозно, како што се вестите, бара одново внимание на сите кои треба да се занимаваат со нешто што се нарекува – ширење на невистинити вести! Ова, да повториме, не е вест, ја нема на ниту еден информативен сајт во светот. Тоа е обична измислица, која навистина има една ронка „покритие“ во слична измислица од пред 28 месеци и која, фала му на Бога, сега е покриена со три слоја прав, како што и заслужува.

Кај нас немаше паника – гледачите останаа дома за да ги следат новите продолжувања на турските серии од „ноќната смена“. Но, тоа не ја намалува одговорноста на оние кои отворено шират неточни информации преку моќниот телевизиски екран. Тие имаат само едно алиби – живееме во време и земја за кои може да се добие оправдан впечаток дека невистините се на висока цена.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска