Процесот за независност на Каталонија продолжува и покрај резултатот од реферндумот во Шкотска, изјави каталонскиот лидер Артур Мас, кој е цврсто решен да организира референдум на 9 ноември и покрај несогласувањата на Мадрид.
– Шкотска, каде за разлика од шпанската, британската Влада дозволи одржување на референдум за независност, испрати силна и јасна позитивна порака, мобилизирајќи се да гласа, истакна Мас на прес-конференција во Барселона.
– Каталонскиот процес продолжува и се чувствува посилен, бидејќи видовме како една земја од ЕУ успеа да се согласи и да го дозволи ова гласање. Ова го кажувам, бидејќи ако некој смета дека победата на одговорот „не“ во Шкотска може да фрли сенка врз каталонскиот процес, тогаш се лаже, додаде Мас.
Тој нагласи дека „нема да има преседан со Шкотска, но можеби првиот пример ќе биде овој на Каталонија“.
Каталонскиот Парламент, во кој апсолутно мнозинство имаат поддржувачите на независноста, денеска треба да гласаат закон со кој ќе се дозволи изјаснување на 9 ноември, надевајќи се дека на тој начин ќе се избегне отпорот на Мадрид. Шпанската Влада, пак, се подготвува на контранапад, поднесувајќи жалба до Уставниот суд, кој се очекува да ја прифати.