Првиот министер на Шкотска и лидер на сепаратистичката Шкотска национална партија (СНП), Алекс Салмонд ги обвини денеска „Лондон банкарите и крупниот бизнис за малтретирање на Шкотланѓаните“.
Изјавата на Салмонд доаѓа во време на расправата меѓу сепаратистите и британската Влада околу одлуките на најстарата и најугледната шкотска банка „Кралската банка на Шкотска“ (РБС), како и на банкарската групација „Лојдс“, во која се вклучени шкотските банки „Халифакс“ и „Банката на Шкотска“, за преместување на своите седишта од Шкотска во Лондон, доколку гласачите на референдумот на 18 септември се изјасната за отцепување на покраината од Велика Британија.
Салмонд и неговите сепаратисти ја обвинија британската Влада дека стои зад објавувањето на ваквите одлуки на само неколку дена пред референдумот, оценувајќи го тоа како обид директно да се влијае врз расположението на гласачите.
Тој побара од генералниот секретар на британската владина администрација да открие кој министер или функционер дозволил „пред време“ да се објавуваат одлуките на банките.
Официјален Лондон, меѓутоа, ги отфрли обвинувањата на Салмонд, нагласувајќи дека уште од почетокот на кампањата за шкотската независност, позицијата на британската Влада била дека гласачите мора да бидат целосно информирани за тоа што за нив и за сите во Шкотска ќе значи евентуалното отцепување.
Гневот на шкотските сепаратисти го зголемија и бројните соопштенија на најголемите британски трговски компании за тоа дека во „независна Шкотска“ цените на нивните производи „сосема нормално ќе бидат повисоки“, затоа што тогаш стоките ќе се продаваат во странска земја.
Во последниот викенд пред референдумот в четврток, сепаратистите ангажираа 35 илјади доброволци за да поделат д,6 милиони парчиња пропаганден материјал, додека Салмонд изјави оти Шкотланѓаните “нема да дозволат да бидат малтртирани од бизнисот“.
Сите главни британски политички партии овој викенд и до среда вечер се на разни страни во Шкотска, при што кампањата на лабуристите против отцепувањето ја води поранешниот премиер Гордон Браун.
Последните мерења на расположените на гласачите покажуваат дека во финишот на кампањата унионистите имаат предност, пред сепаратистите од само два до три отсто.