Јавна расправа за Предлог-законот за општа управна постапка, што го подготви Министерството за информатичко општество и администрација, ќе се одржи денеска во Скопје.
Со новиот закон, според ресорниот министер Иво Ивановски, ќе се надмине проблемот со губење документи на граѓаните од страна на институциите. Ќе се воведе задолжителна електронска комуникација меѓу институциите при одлучување по предметите.
Новиот закон треба да го модернизира системот на управна постапка, да ја подобри нивната транспарентност и да ја зголеми довербата на граѓаните во јавната администрација. Ќе се обезбедат што е можно поефикасни, поедноставни и побрзи управни постапки, со намалени административни трошоци за државниот Буџет и за деловниот сектор, рече Ивановски на презентацијата на законот.
Секоја институција, информира, ќе мора да воведе електронска пошта за барања од граѓаните. Крупна измена се предлага и кај жалбената постапка. Во сегашниот систем граѓанинот се жали на одлука од првостепен орган повторно до првостепен орган, кој потоа жалбата ја испраќа до второстепен. Потоа второстепениот орган го бара предметот за да може да одлучува. Сега, во случај првостепениот орган да одговори негативно, жалбата ќе оди директно до второстепениот орган. Со тоа се кратат роковите, ќе се забрза постапката и ќе се намалат трошоците.
– Второстепениот орган е должен по службена должност да ги побара документите од првостепениот, рече Ивановски.