Шкотскиот премиер и лидер на Шкотската национална партија Алек Салмонд, го отфрли предлогот на Лондон за поширока автономија на Шкотска.
Салмонд изјави дека во пакетот, објавен денеска од трите главни политички партии – конзервативна, лабуристичка и либерална, нема ништо ново.
– Тоа е обид за продажба на стар производ во ново пакување, коментира Салмонд.
Пакетот, чии детали се уште не се прецизирани, предвидува снабдување на шкотскиот Парламент со инструменти преку кои Шкотска може да спроведува сопствена фискална политика и сама да управува со расходите за социјални дејности.
Според лидерот на иницијативата, поранешниот лабуристички премиер Гордон Браун, кој е Шкотланѓанец и го поддржува оставањето на Шкотска во границите на Обединетото кралство, работата по законодавниот пакет може да почне уште следниот ден по референдумот за независност, закажан за 18 септември, а предлозите можат да стапат во сила уште во јануари идната година.
Предлозите на трите партии во Лондон беа пресретнати со остри критики и од претседателот на Шкотската национална партија во британскиот Парламент Ангус Робертсон. Тој изјави дека понудата претставува „циничен обид за поткуп“.