Американската агенција за вселенски истражувања NASА објави дека на 7-ми септември на кусо растојание од Земјата ќе мине астероид со дијаметар од 20 метри, за кој се смета дека сепак не претставува закана за планетата, ниту за сателитите во нејзината орбита, пренесе Макфакс.
Ова небесно тело беше откриено на 31-ви август со помош на американскиот автоматски телескоп Pan-STARRS 1, поставен на врвот од вулканот Халеакала на островот Мауи во Хавајскиот архипелаг.
Од NASA истакнуваат дека астероидот кој ја доби ознаката 2014 RC, максимално на Земјата ќе и’ се доближи на 7-ми септември во 14,18 часот по американско време на Источниот брег, или 20,31 часот по македонско време. Во тој момент астероидот ќе се наоѓа над Нов Зеланд и ќе мине на растојание од 40.000 километри, што е за 10 пати помалку од растојанието до Месечината.
Според научниците, астероидот ќе биде видлив од Земјата и со помош на аматерски телескопи.
По извесно време, пренесува порталот на NASА, астероидот ќе мине повторно крај Земјата, исто така, на блиско растојание. Се истакнува дека во моментов не постојат прогнози за можи опасности, но научниците соопштија дека внимателно ќе ја следата натамошната траекторија на астероидот.
Небесни тела со вакви димензии често прелетуваат крај Земјата, меѓутоа катастрофи како резултат на нивно паѓање на површината од планетата се случува во просек еднаш во илјада години.