Државниот здравствен санитарен инспекторат (ДЗСИ) побара од Основното јавно обвинителство за да поднесе кривична пријава против сендвичарниците „Стефани-А“ и „Жу-Жу бургер“ од Скопје поради труење со храна. Во меѓувреме и двете сендвичарници се затворени.
По известување од Центарот за јавно здравје на Град Скопје за пристигнати приемни картици од Клиниката за инфективни болести за 13 лица со акутно труење со храна кои побарале лекарска помош во клиниката, ДЗСИ, Агенцијата за храна и ветерина и Центарот за јавно здравје интервенирале, извршиле надзор во „Стефани А“ при што се земени мостри од жива и нежива природа, информираше денеска директорот на ДЗСИ Џевџес Шаќири.
Директорот информираше и за уште едно труење од храна каде пет лица побарале помош во Клиниката за инфективни болести, а конзумирале храна од седнвичарата „Жу-Жу“ бургер во Скопје.
– И во двата случаја ДЗСИ согласно законите за заштита од заразни болести веднаш ги затвори двете сендвичари со цел прекинување на понатамоштно јавување на заболени со знаци на акутно труење со храна. Поставено е службена лента „затворено од ДЗСИ“ со службен печат и потпис од здравствениот инспектор, рече Шаќири.
По собирање на целокупната документација за двата случаја со труење на храна, најави дека ДЗСИ ќе поднесе барање до Основното јавно обвинителство за поведување кривична постапка кон правниот субјект „Стефани – А“. Против „Жу-Жу бургер“ ќе биде поднесено барање до ОЈО за поведување на кривична постапка за симнување и оштетување на службен печат како и прекршочна постапка за неизвршени здравствено хигиенски прегледи на вработените и не спроведена превентивна дезинсекција и дератизација.