Многу археолози долго време тврдеа дека камењата на Стоунхенџ некогаш сочинувале полн круг, а сега конечно се откриени докази кои одат во прилог на таа теорија, јави „Гардијан“.
Тоа што не успеаа да откријат научниците после децении макотрпна работа и истражувања, успеа да открие еден работник за одржување на земјиштето околу Стоунхенџ и неговата околина.
Стоунхенџ е споменик кој датира од неолитот и се состои од огромни камења од кои надворешните сочинуваат нецелосен круг.
Работникот по име Тим Доу најде траги на земјата на кои некогаш се наоѓале огромни камења кое би комплетирале цел круг на Стоунхенџ.
Секое лето работниците ја полевале тревата околу споменикот, но минатата година немале доволно долго црево, поради што не можеле да ја залеваат целата трева. Додека Доу ја гледал тревата околу камењата, забележал делови од земјата со слабо порасната трева токму таму каде кругот се прекинува.
– Стоев на патеката и ја гледав тревата блиску камењата и размислував дека би требало да набавиме подолго црево за полевање за да можат и тие делови да озеленат. Се сеќавам дека токму тука археолозите безуспешно бараа нешто што би укажало на тоа дека камењата се наоѓале тука. Го повикав колегата и тој го виде истото, па се обративме до професионалците, изјави Доу.
Сувата земја, на делот каде работниците не успеале да ја полеат поради кусото црево, откри делови со многу малку трева. Археолозите направија фотографии на Стоунхенџ од воздух и утврдија дека многу од овие делови оголена земја се совпаѓаат со местата каде би се наоѓале камењата.
Другите делови се видливи на местата каде уште во 1901 година се вршени ископувања, што укажува на тоа дека не настанале сами од себе. Иако се работи за еден од најпознатите праисториски споменици, Стоунхенџ и понатаму крие многу тајни.