Манастирскиот комплекс Св. Јоаким Осоговски од Крива Паланка за време на празнувањето на Успение на Пресвета Богородица и споменот на патрон-светецот Свети Јоаким Осоговски, кој се празнува денеска, го посетија над 25.000 верници.
Во двата празнични дена, како што информираат од Кумановско-осоговската епархија, верници од сите краеви на Македонија доаѓаа во манастирот, а најбројни беа верниците од соседните градови, но и од Скопје, Струмица, Кочани, Свети Николе, Велес.
– Во храмот на манастирот Св.Јоаким Осоговски утринава се служеше света Божествена литургија со која чиноначалствуваа митрополитот Кумановско-Осоговски Јосиф и Митрополитот Тетовско – Гостиварски Јосиф. По литургијата владиците осветија вода во дворот на манастирот, изјави отец Игор Здравковски, од Кумановско – Осоговската епархија.
Инаку, како што информираа од Општинската организација на Црвениот Крст од Крива Паланка, во текот на вчерашниот ден во старата училишна зграда во комплексот на манастирот се одржа крводарителска акција. – На акцијата беа собрани 28 единици крв, а заедно со 93-те собрани месецов, проектираната бројка од 711 крвни единици според годишниот план за 2014 е веќе надмината за 10 единици, изјави Дарко Пешевски, секретар на ОО на Црвен Крст од Крива Паланка.