По одигрувањето на синоќешните реванш бараж дуели познати се 48-те екипи кои ќе играат во групната фаза од Лига Европа. Во четири од овие екипи ќе настапат и македонски интернационалци: Адис Јаховиќ со Риека, Аријан Адеми со Динамо Загреб, Муарем Муарем со Карабах и Бесрат Абдурахими со Локерен. Сите четири екипи беа поуспешни во бараж дуелите од своите противници.
Муарем го „однесе“ Карабах во следната фаза откако во 51. минута го изедначи резултатот на 1:1 со Твенте што беше и вкупен резултат и благодарение на голот на гости Карабах беше поуспешен. Муарем играше до 71.минута. Риека на Јаховиќ победи на гостувањето кај Шериф со 3:0 и со вкупни 4:0 избори пласман во групите од ЛЕ.
Јаховиќ натпреварот го мина на клупата. Адеми одигра 90 минути (заменет) од натпреварот меѓу Динамо Загреб – Петролул 2:1 или вкупно 4:2 за хрватскиот првак. И Абдурахими (не влезе во игра) со Локерен успеа да ја мине пречката Хал. Синоќа Локерен загуби со 2:1 и со вкупни 2:2 и гол на гости е поуспешен од премиерлигашот. Единствено Крсте Велкоски со Сараево не ја минаа Борусија Менхенгладбах откако во реваншот загубија со 7:0 или со вкупни 10:2 се елиминирани.
Директен пласман во групите од Лига Европа обезбедија седум екипи, 10 од нив се поразените од баражите од Лигата на шампионите, а вкупно 31 екипа успешно ги мина баражите од Лига Европа.
Извлекувањето на групите ќе се одржи денеска во Нион.