Торпедо во лајната на Вардар

Од:

Во колумнава зборуваме за вкус и невкус. Заборавете на политика. Шетајки така по градот во кој сум роден пред бајаги години, некаде на среде камениот мост застанав да му се воодушевувам на Скопје колку е лично и барокоидно. Некаде тука крај мостот, а баш кај плажата Коцекабана како дете еднаш седев и гледав како еден постар човек со трска во раце гледа во водата и швајсува цигари. Ај да ми направи Ќеф ко на дете, ми ја даде трската да пробам и јас, ама на шега ми рече да не ‘‘сецкам‘‘ нагло, зашто може да закачам некое гомно па кој ке го откачуе после. Имено, како што рече а со оглед дека тука се слева по таа должина канализацијата, имало повеќе лајна од риба. Малку понатаму, едни деца се џиткаа во Вардар, па имало, немало лајна сеедно. Рипаа ‘‘како први така други‘‘, и тоа ‘‘торпедо‘‘ стил! Зад мене, а на местото каде што се наоѓа сега музејот на ВМРО, имаше паркче, зелени бутки од каде што се ширеше мирис на евтина скара, Шабан Шаулич, и пијаници, курви, разни фаци кои патуваа од меѓуградската автобуска која се наоѓаше кај сега музејот на холокаустот. Ех,.. седумдесетите! Лајна, не лајна, циганчињата се џиткааа торпедо!

Ја гледам плажата која се простира долж, а испод новиот музеј, не можам да си верувам каков ли моронизам пулсира низ сивите келии на тој што предложил тука плажа да праи. Треба да си талентиран за да бидеш толкава будала. Не може секому да текне таква глупост. Нејсе, во секој случај не верувам дека тука ке биде видена некогаш некоја убавица како се џитка во вода, освен ако не е добро платена за рекламни цели да си ја измеша скапата козметичка колекција и белото газе со микробите што ги носи покриената река Серава што се влева. Во комплетниот Дизниленд изграден сред центарот на Скопје, во кој нема лик што не можеш да го пронајдеш од енциклопедијата сепак фали Шабан Шаулич и мирисот на кебапчињата кај автобуската стара. Очекувам дека ке се вратат на бродот карши Коцекабана, можеби не првата година, ама догодина гарантирам. Дали некој мисли дека некој стар скопјанец што си го помни градот ( секако не по Шабан Шаулич, де), ке се качи на тој брод и ке се воодушевува колку убаво изгледа Вардар со триста мостови на пута триста бисти сред пута триста споменици. Дали е ова лош сон? Не, бе! Жива вистина било. Е, тогаш, што е тоа што е непроменето во целиот тој лош сон? Еве што! Непроменет е податокот дека во тој потег тече канализација и пливаат лајна во водата барабар со оние ситни кркушки кој пливаат со маска и боци кислород на грбот. И да потсетам дека старите скопски рибари знаат дека тука во Вардар угоре-подолу може да се улови една мала рипка која се вика ‘‘Царево Куре‘‘. Царево куре за царски амбиент.

Во меѓувреме, чекаме тука на плажата да видиме некоја танга навлечена на нечие блесаво лекоумно и бесрамно газе, во кое низ прозорите на сите прозорци по велелепните барокни зданија ‘‘буљат‘‘ нечии аристократски барокни очи! Додуша, а зошто би се изненадиле? Политичкиот маркетинг и Пи-арот чинат чуда. Ако ништо друго, чисто за да не јадат бурек душмани, ке продефилираат неколку кукленца, а башка ке чуеме на барем една од телевизиите како релевантните институции тврдат дека водата во Вардар е боља од онаа у Охрид. Ај‘ се кладиме!

Да и се вратам на перспективата на Скопје од среде камениот мост! Зад тебе Филип, пред тебе Ацо! Меѓу нив и коте и моте у бронзена верзија. Парадокс над парадоксите е судирот на две различни историјски вселени кои се гледаат очи в очи. Кај мостот грандиозни ( респект и почит) Климент, Наум, Кирил Методиј,.. а, од друга страна на столбот на современата скопска историја ( респект) Филип македонски. Да не ја спомнувам ситната бронзена плејада наоколу која создава амбиент на најблаго речено Монти Пајтонов ‘‘ The meaning of life ‘‘! А меѓу нив насреде, дали ќе има и оваа година деца кои ке скокаат легендарно ‘‘торпедо‘‘ во лајната на Вардар. А којзнае, може и на плажата некој ке им се придружи додека некоја телевизија снима изјава дека живееме во Рио Дел Вардар. А, кога сме кај телевизиите, таму има новинари стари скопјани. Како ли тие не дадоа искрен коментар. Ни скопските деца веќе не се она што беа. Туку, нека ми прости што во колумнава ги спомнувам,.. не знам зошто ми текна.

Моето Скопје умира како диносаурус. Останаа сеќавањата на мирисот на кебапчињата од кај камен мост кај старата автобуска станица, Шемса Суљакович, пијаниците што мочаа зад грмушките, гласот од звучниците кои велеа дека автобусот за Охрид е поставен на тој и тој перон, гужвата од патниците кои доаѓаат во градот со бовчичката на рамо да започнат нов живот. Некои од нив и го прецртаа ново Скопје. Без чувство, без срам, без усул. А зошто и би имале срам, усул и чувства! Што ги врзува за градов?… детство?.. Татко? Дедо? Прадедо?…. те жалам Скопје,.. ама,.. не престанувам да те сакам, граду мој!

Агим Јонуз

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска