Изложбата „СТАВ-студентска архитектонска визија“ која неодамна беше презентирана во МКЦ-Скопје, вечер ќе биде промовирана и во фоајето на НУ Центар за култура Битола.
СТАВ е изложба на дипломски проекти на генерацијата запишана 2006 година на Архитектонски Факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, а се организира под покровителство на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ).
– На оваа изложба ќе ги промовираме нашите проекти што имаат зрел став кон архитектурата, кои покажуваат една нова визија за иднината на нашата архитектура. Иницијативата покажува дека има многу проекти кои остануваат неизведени, а имаат големи архитектонски квалитети. Затоа сакаме тие да бидат видени и да бидат инспирација за сегашните и идните архитекти. Генерацијата запишана во 2006, има богатство од дипломски проекти со различен карактер и за различна намена и гледајќи ги оценките со кои беа оценети од Архитектонскиот факултет слободно можеме да кажеме дека претставуваат многу квалитетни проекти и дека од оваа генерација ќе има голем број успешни архитекти. Меѓу проектите се вбројуваат културни центри, винарии, реадаптации на напуштени индустриски објекти, планетариуми, урбанистички планови, проекти за заживување на македонските села, нови градски центри, облакодери и многу други архитектонски проекти и урбанистички планови, се со цел да покажеме една разновидност и еден наш став за различните сфери во архтектурата, најавуваат организаторите на вечерашниот настан во Битола.
По успешното претставување на изложбата во МКЦ Скопје и во Битола, презентациите ќе продолжат и во други македонски градови.