Рецензија: ИСИС обезглавија американски новинар – уште еден чека на ред

Од:

Едно од основните прашања кои ги отвора оваа рецензија е дали било неопходно да се пренесат снимки од сурова егзекуција на американскиот новинар Џејмс Фоли за да се разбере суштината на настанот. Секако, не. Тука минималното замаглување во оние секунд-два, кога се случува убиството не се никаква олеснителна околност. Но, кај медиумот преовладала желбата и потребата за сензационализам и „атрактивната“ содржина, па не водејќи сметка за јавноста и дали таа ќе се вознемири и исплаши, ја прикажал снимката на обезглавување на Фоли. Притоа, не е поставено никакво предупредување на екранот дека содржината е вознемирувачка, дека не е за деца и така натаму.

Прикажувањето ваква вознемирувачка содржина го отвора и прашањето на уредничката одговорност, но и пошироко на општествената и секако на одговорноста на омбдусманот и другите институции во државата.

FireShot-Screen-Capture-021-КАНАЛ-5-Телевизија-kanal5_com_mk_vesti_detail_asp_ID46689

Линк до оригиналниот напис: ИСИС обезглавија американски новинар-уште еден чека на ред

Датум и време на објавување: 20.08.2014, 14:09

Датум на рецензирање: 21.08.2014

Рецензент: Александар Писарев

 

ПОГАЗЕНО ДОСТОИНСТВО

Вознемирувањето на јавноста почнува уште од насловот „ИСИС обезглавија американски новинар-уште еден чека на ред“. Потоа следи видео снимката на чинот на обезглавување при што експлицитно е пренесена и пораката на егзекуторот што може кај гледачите да предизвика голема вознемиреност и страв:

„Џихадистите велат дека обезглавувањето на новинарот е резултат на американските воздушни напади во Ирак. Тие покажуваат уште еден новинар чиј живот како што порачаа, зависел од следниот потег на Вашингтон.“

Излишно е прашањето како се чувствуваат и што во овие моменти, додека ги гледаат снимките на обезглавување на Фоли, доживуваат, на пример, роднините и најблиските на нашите сограѓани кои продолжиле да работат и живеат во Ирак и по повлекувањето на американските сили од земјата.

Потоа следи пписот на жртвата:

„Облечен во унифрома налик на онаа во затворот Гвантанамо, клекнат во пустината, покрај маж облечен во црно со нож во раката, новинарот Џејмс Фоли последните минути од животот ги посвети за да порача дека американската политика во Ирак е погрешна.“

Што сакал авторот да каже или покаже со овој дел од во прилогот? Дека американската (а тоа донекаде значи и македонската, бидејќи бевме дел од коалицијата) политика во Ирак е погрешна? Или сакал да го загрози право на приватност и достоинство на новинарот Фоли во последните мигови на животот?

 

КОДИРАНА ПОРАКА?

Иако е очигледно дека последните зборови на Фоли се изнудени од страна на екстремистите, медиумот ги пренесува како „важна порака“ до владата на САД:

„Ги повикувам моите пријатели, роднини и сакани да се кренат против мојот вистински убиец-владата на САД. Она што ке се случи со мене е само резултат на нивната самобендисаност и криминал“.

Дали е ова воедно и некаква „кодирана порака“ против македонската политика и учеството во антитерористичката коалиција во Ирак на страна на САД, дали со ова медиумот можеби не сакал да ги амнестира од одговорност џихадистите ? Имаме право и на тоа да помислиме. Додека Фоли ги изговара овие реченици, неговиот егзекутор мавта со ножот, што кај гледачот без сомнение предизвикува силно чувство на страв и вознемиреност.

 

БРКНУВАЊЕ ПРСТ ВО ОКО

За злосторство како ова не постои адекватна казна: да му отсечете глава на некого пред камера? И медиумот тоа да го пренсе не е ништо друго освен создавање агонија кај гледачите. Замаглувањето на кадарот оние секунд-два додека се случува убиството, со ножот со кој претходно се мавтало, не е никаква олеснителна околност, зашто гледачите многу лесно можат да дедуцираат што всушност се случува – движењето на раката на убиецот лево-десно, во која од претходно се знае дека држи нож пред вратот на жртвата, е многу лесно да се види од контурите и да се насети.

Очигледно е дека нашите таблоиди се толку жолти да не можат да се воздржат и да тагуват во тишина со жртвата, нејзите најблиски и американскиот народ. Медиумот проценил дека треба да бркне прст во око, во живата рана на унесреќеното семејство на Фоли и на сите правдољубиви луѓе и да им ги пренесе грозоморните слики и описот на настанот („клекнат во пустина, покрај маж облечен во црно со нож во раката“), не водејќи сметка за чувствата на вознемиреност кои можат да бидат предизвикани кај секој гледач: „…и уште еден новинар чиј живот, како што порачаа, зависел од следниот потег на Вашингтон“.

 

НОВИНАРСКА СЛОБОДА ИЛИ НОВИНАРСКА АНАРХИЈА

Зошто медиумите континуирано поминуваат неказнето во репризирање на вакви вознемирувачки содржини? Како гледачите да се одбранат од агонија, гледајќи ги ваквите експлицитни сцени на злосторство врз недолжен новинар? Постои ли граница меѓу новинарската слобода и новинарска анархија и ни се заканува ли опасност да преку ваков прилог новинарската анархија да прерасне во општествена?

Отворено се поставува прашањето и на уредничката одговорност. Содржината која е видливо вознемирувачка, е пренесена без било какво предупредување со минимално замаглување на кадарот во траење од една до две секунди. Крајно е опасно е што ваквите прилози почнуваат да наметнуваат нови „правила“ во медиумите, а тие правила носат голема штета.

Тероризмот стана посебно поглавје во медиумите и сите кодекси кои го регулираат новинарското известување инсистирааат и даваат насоки да се води сметка и никако да не се пренесуваат изјавите или интервјуата на терористите, особено ако држат заложници или се подготвуваат на егзекуција на жртвата, како во овој случај. Медиумите со вакви настани не смеат да предизвикуваат паника, страв, вознемиреност кај публиката, не смее да се нарушува достоинство на жртвата од тероризмот. Сите вакви содржини пред објавување мораат да поминат низ строга уредничка контрола.

 

ШТО СЕ ПРОМОВИРА

Џелатот, убиецот, кукавички и подло го скрил своето лице додека лицето на жртвата е откриено. На овој начин, медиумот со експлицитната снимка на говорите на џелатот и жртвата, убиството го прикажува и го промовира како „предупредување“: „Злогласната ИСИС порача дека обезглавувањето е одговор на американските воздушни напади во Ирак“.

Баш поради ваквите пораки и изнудениот говор на Фоли, за да не се вознемирува јавноста, светските и регионалните медиуми не го пренесоа видео клипот ни во инсерти, исто како ни говорот на џелатот. Овие сцени оправдано не се објавени на националните телевизии во западните земји, ниту на регионалните телвизии во наше опкружување. Она што се случуваше на реномираните телевизиски канали беше објавување само на еден „стил кадар“ од видеото во кој нема ништо грозоморно, или, пак, новинари, кои самите, во рамките на нивната професионална работа го прегледале видеото, раскажуваа со одбрани зборови што се случило, притоа внимавајќи да не ги пренесуваат изнудените зборови на Фоли или пропагандата на џелатот. Видео клипот е избришан и од социјалните мрежи, барем оние најголемите како Твитер, Фејсбук, Инстаграм, Линкдин, што јасно зборува дека ваквите содржини не се прифатливи за јавно прикажување ниту таму, а камоли на национална телевизија како што е овде случај.

Колку ваквата одлука се покажува правилна, покрај етичките правила, го потврдуваат и најновите сознанија, кои, пак, велат дека видеото е наместено, односно инсценирано и дека убиството врз Фоли не е извршено на видеото, туку дека е извршено на друго место и надвор од видеото, како што објави, покрај другите, и реномираниотлондонски Телеграф, повикувајќи се на форензички извори. Точно е дека видеото е автентично, односно дека лицето на видеото е новинарот Џејмс Фоли, но тоа не значи дека убиството се случува на ова видео.

Овој прилог уште еднаш потврдува дека треба сериозно да се размислува за измени и дополнување на Кодексот на новинарите кои би ги прифатиле сите здруженија на новинарите во Македонија и тој би станал правилник за нивното професионално однесување, бидејќи не е до крај јасната одредба во членот 8 на Кодексот на новинарите на Македонија дека „начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни и семејни трагедии, болести и судски постапки мора да биде ослободен од сензационализам“.

Мора јасно да се каже дека тиражот и сензацијата не смеат да бидат ставени пред сите стандарди и етика во новинарската професија и дека е недозволиво поради ексклузивитетот или атрактивност на содржината новинарот да внесува страв мегу луѓето, бидејќи тоа е најекстремно кршење на основните етички норми на новинарите. Медиумите имат право на различни уредувачки концепти, но не смеат со вакви експлицитни грозоморни содржини на егзекуција да ја вознемируваат јавноста.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска