ДУИ го осудува денешниот инцидент за кој велат дека е инициран од страна на пратениците на ДПА, Орхан Ибрахими и Беким Фазлиу.
– Во отсуство на аргументи и конкурентна понуда за албанските гласачи, како и од постојаната фрустрација од последователните порази на изборите, ДПА го заменува политичкото делување со тупаници, со навреди и со отсуство на човечност.
Затоа, парламентарната група на ДУИ бара формирање на анкетна комисија која што веднаш ќе го расветли овој случај и ќе одреди одговорност за тие што го иницираа, а тие се видоа јасно на сите ваши снимки и ги видоа сите што беа присутни, но тоа го сведочеше и целата јавност во РМ.
И јас не бев таму, но од снимките се гледа дека инцидентот го започна пратеникот Орхан Ибраими кој што навредуваше од говорницата во Комисијата за финансирање и буџет и се упати да се пресмета физички со пратеникот на ДУИ Реџаил Исмаили, упатувајќи му погрдни зборови. Нему му се придружи и неговиот колега Беким Фазли, рече Артан Груби од ДУИ.
Груби не одговараше на новинарски прашања, но пред да излезе од салата за прес конференции замолен за коментар за заминувањето на ДПА од Собранието, тој одговори: “А што бараат тие тука?“
Пратеникот на ДУИ, Реџаил Исмаили, по тепачката побарал лекарска помош, тој е повреден под окото и моментално е во една болница во Скопје.