Владата има на располагање цел водич од 100 страници со постапки како да се извести за подготовката на закони. Фото: ЕНЕР, колаж од насловната страница
Медиумите не се обидоа да дознаат како ги разбираат промените пратениците (кои без расправа ги изгласаа) и дали, односно на кој начин пратениците го консултирале своето гласачко тело за да дојдат до сознанија за расположението на своите гласачи во однос на промените кои биле ставени на дневен ред.
Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
(Првиот дел од анализата можете да го најдете овде)
1. Во медиумите недостасува анализа на процедурата на донесување на промените на законите.
Во неколку медиуми се спомнува дека промените се донесени по скратена постапка, меѓутоа во ниту еден од медиумите ова не се идентификува како суштинско прекршување на Уставот и на Деловникот на Собранието.
Според Уставот на Република Македонија
- …суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните
- Секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции
- Сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето
- Пратеникот ги претставува граѓаните
Од овде се наметнува прашањето, на кој начин граѓаните го задржуваат суверенитетот, на кој начин учествуваат во одлучувањето и на кој начин пратениците ги дознаваат барањата, потребите и желбите на граѓаните доколку немало јавна расправа и доколку граѓаните немале можност да го искажат своето мислење. Од сите медиумски известувања, произлегува дека граѓаните се заинтересирани за промените, дека имаат свое мислење и дека сакаат да го кажат, меѓутоа тоа не е овозможено.
Според членот 170 од Деловникот на Собранието
Предлагачот на предлогот на законот може да му предложи на Собранието да расправа по предлогот на законот по скратена постапка во случај кога:
– не е во прашање сложен и обемен закон,
– престанок на важноста на некој закон или одделни одредби од некој закон или
– не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на Европската унија.
Бидејќи во случајот станува збор за комплексна промена (последните промени на законите за придонеси од задолжително социјално осигурување, здравствено осигурување, пензиско и инвалидско осигурување, вработување и осигурување во случај на невработеност и Законот за работни односи – види го првиот дел), која опфаќа менување на повеќе од еден закон, која се однесува на остварувањето на правата на многу голем број граѓани, која предвидува наметнување нови обврски на граѓаните и која наводно значи усогласување со правото на ЕУ, барањето за донесување на промените во скратена постапка е спротивно на Деловникот на Собранието.
2. Во медиумите недостасува јасно идентификување на проблемот на отсуство на јавна расправа.
Не само што е јавната расправа која се одвива преку медиумите post festum, туку во никој случај медиумската расправа не може и не смее да ја замени пошироката јавна расправа во која можат и треба да се дадат соодветни и целосни објаснувања за промените кои се нудат.
Во текот на јавната расправа може, на пример, да се утврди/објасни целта на промените. Доколку е цел на промените опфат на што е можно поголем број работници во системот на социјално, пензиско и здравствено осигурување тогаш во текот на јавната расправа можат да се понудат решенија со кои би се надминале недореченостите во однос плаќањето придонеси од страна на работниците кои се веќе вработени и кои се опфатени со овој систем. Во една ваква јавна расправа може да се изнајдат решенија за здруженијата на граѓани кои функционираат проектно; да се понудат решенија за луѓето кои се ангажирани од страна на меѓународни организации; да се адресира проблемот со самовработувањето …
Токму јавната расправа овозможува расчистување на сите проблематични и конфликтни елементи во и меѓу законите. На пример, во воведот на Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување:
Опфатот на оваа категорија на осигуреници ќе се врши доколку не е се осигурен со задолжително социјално осигурување по ниеден друг основ.
Основна цел на предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување е обезбедување на социјална сигурност и социјално осигурување на граѓаните.
Ова објаснување значи дека луѓето кои се веќе осигуреници не треба да бидат опфатени со промените. Меѓутоа, ова како објаснување го нема ниту кај Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, ниту кај Законот за здравствено осигурување и не е вметнато во ниту еден од законите.
3. Во медиумската расправа не се проблематизираат изјавите на високи функционери и не се бара нивно дообјаснување.
На пример, изјавата на премиерот дека истоветни решенија постојат во 95% од европските држави ја пренесуваат голем број медиуми меѓутоа ниту еден не ја проверува или барем не поставува прашање за децидни податоци со кои би се потврдило едно вакво тврдење (кои се тие држави, какви се решенијата кои се нудат во нив, кој е легалниот и материјален контекст).
Или, ако навистина цел на промените, како што тврди министерот за труд и социјална политика, е унапредување на работничките права, намалувањето на сивата економија и поттикнување на работодавците да засноваат редовен работен однос со своите работници, тогаш зошто оваа цел ја нема ниту во воведот ниту во образложението на ниту еден од предлозите за промена на закон. И понатаму, доколку е ова вистинската цел, тогаш зошто промените се однесуваат и на луѓето кои се веќе во работен однос?
4. Ниту еден од медиумите не се заинтересира за ставовите и постапките на пратениците (кои ги изгласаа промените).
Медиумите не се обидоа да дознаат како ги разбираат промените пратениците (кои без расправа ги изгласаа) и дали, односно на кој начин пратениците го консултирале своето гласачко тело за да дојдат до сознанија за расположението на своите гласачи во однос на промените кои биле ставени на дневен ред.
Ова е дел од вообичаената пракса на медиумите, во која прашања се поставуваат единствено на претставниците на извршната власт, додека оние кои ги донесуваат законите и на кои стои одговорноста за промените кои се прават, остануваат надвор од нивниот интерес.
Поставувањето на ваков вид прашања на парламентарците може во голема мера да ја зголеми нивната одговорност пред граѓаните, да ги поттикне на посовесно вршење на функцијата и да овозможи контрола од страна на граѓаните кои ќе добијат сознанија за постапките на своите избраници.
(Крај)
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).