„Охрид ме создаде нему славата! Ако не беа Охрид и неговото езеро со сета таа привлечност, убавина и магија, денеска јас немаше да сум тоа што сум.“ Фото: David Bailey, 2009
Се разбира дека е потребен и личен предизвик. Дописникот мора да е самоиницијативен, да предлага, да нуди. Нешто да го копка, да го тера напред.
Пишува: Веле МИТАНОВСКИ
Ако е точна одредницата дека новинарскиот леб има седум кори, тогаш дописничкиот има барем една повеќе. Ако новинарот е универзален „незнајко”, дописникот е барем три пати!. Новинарот во централна редакција, може да се специјализира, откако ќе „почиракува” (на времето тоа го дефиниравме: „преку Скопска”), ама дописникот ќе си остане „незнајко”, или „сезнајко” до крајот на животот. Тој мора да пишува се – од банални комунални проблеми, преку спорт и култура, до висока политика. И ништо од тоа да не потценува, ниту баналното, ниту бизарното. Пред скоро три децении, во Охрид се случи една фудбалска лакрдија во општинската лига, кога на секои 60 секунди се даваше по еден гол! Е сега, спорт е, ама биди маж – пропушти ја таа прилика, која ќе те вивне од локалните, преку националните до светските медиуми, од типот на бразилски Глобо. Тоа е како Меси да одбие да шутира пенал!
И ДОПИСНИК И ФОТОРЕПОРТЕР
На новинарот во централна редакција на располагање му стои дебела архива, можност да се види на минување со уредникот, да побара совет, помош… Дописникот е оставен сам, његошевски кажано: „Сирак пусти без нигде никого”! Во централната редакција, новинарот има колега фото-репортер. Дописникот мора да биде и тоа. Знам случај, на мој колега, сега во пензија од Нова Македонија, кој со велосипед стигна од Охрид до Свети Наум само за да ја изврши задачата, затоа што односот на уредниците кон дописниците (некаде навредливо: „дописничарите!”), генерално, се сведува на познатата војничка кованица: „Изврши, потоа жали се!”.Да не говорам за директната изложеност пред локалните моќници – во пари и мускули! Најсвеж е примерот со колешката дописник од Битола, која за извршена задача не само што нема каде да се жали и кој да ја заштити, туку пред суд ќе одговара – кривично и материјално! Ете зошто дописничарскиот леб има барем една кора повеќе.
Почнав, како „фабрички” новинар, во некогашниот текстилен гигант „Отекс”, од каде продолжи долгото дописникување: Вечер, Танјуг, МИА, Македонија Денес, Старт, Сега, Утрински Весник… Малку непотребен излет во политиката и пак – назад. Пишував колумни за сите дневни весници. Заедно со средношколските денови (Езерски Бран), односно студентските, над машината, телепринтерот и денес – тастатурата, сум половина век. Кога седнав тоа да го систематизирам на потраен начин (првата книга“Рани Спомени”), на животниот ретровизор, се исцртаа сумарникот и поентата: Не се крсти на фрески и икони (особено не на политички), прекрстувај му се на градот, на амбиентот. Се разбира и на деноноќната работа. Можеби постои и талент, некаков вроден дамар, ама талентот е како зрно семка. Ако не падне на плодно тло, без влага – нема да изрти! Дури и да изрти, нема да се развива, ќе се исуши. Ако не беше Охрид, каде и како средби со луѓе од политиката, со врвни државници? Од естрадата и џет сетот, се до Наоми Кембл. Од бизнисот, се до првиот човек на Светската банка –Вулфенсон. Од оние со “сина крв”, се до принцот од Велс – престолонаследникотЧарлс, сопругот на легендарната Дијана. Само пред неколку дена, не му одолеав на предизвикот да направам интервју со семејството Коганови: Синот Леонид – виолинист и диригент, ќерката Нина – пијанист и нејзиниот син Даниел – виолинист, како што на времето тоа сум го правел и со нивниот славен татко и дедо – Леонид Коган, едно од најголемите виолинистички имиња на сите времиња.
НАСТАНИТЕ ГО СОЗДАВААТ НОВИНАРОТ
Дека настаните, амбиентот го создаваат новинарот, се покажа и во воената криза, 2001. Со Охрид, каде се коваше Охридскиот рамковен договор (известував за Гласот на Америка и Телма), особено со Тетово, кое наеднаш стана точка на светската медиумска мапа. Дотогаш непознати имиња, се вивнаа во медиумскиот етер, станаа препознатливи, известуваа за светски медиуми. Ќе изнесам и еден пример, кој помладите колеги не треба да го следат. Една национална телевизиска куќа која „прва дознава” и ја уредува универзитетски професор(!), за настанот „известуваше” од најблиското соседство – ресторанот Езерце! Колешка, подоцна портпарол на едно министерство, многу љубезно, ќе побараше „малку помош” (по телефон!). На прашањето од каде се јавува, одговараше: “Од Езерце!”.
Охрид ме создаде нему славата! Ако не беа Охрид и неговото езеро со сета таа привлечност, убавина и магија, денеска јас немаше да сум тоа што сум. Моето професионално искуство е дека новинарот го создаваат настаните, а не обратно. Кога е обратно, по правило, е трагично. За еден случај сум читал – еден телевизиски новинар од некое помало место во Јужна Америка убиваше – за да прави стории! Вториот е и мое живото искуство, со колегата и пријател, кичевски дописник Владо Танески. Барем според официјалната верзија, „убиваше“ за да пишува стории (за убиецот известуваше од суд!) и на крајот „успеа” во тетовскиот Истражен затвор да се самоудави во чаша (кофа) вода!!!
ЛИЧЕН ПРЕДИЗВИК
Се разбира дека е потребен и личен предизвик. Дописникот мора да е самоиницијативен, да предлага, да нуди. Нешто да го копка, да го тера напред. Во Танјуг својот зенит го изборив со моја иницијативност. Во 1989 година влегов во група туристи од Дебар и како „банкарски чиновник” ја славев Новата Година во Драч. Сепак, не издржав. На минување низ Тирана, „ставив нокти” да се сретнам со Сали Бериша, во првото седиште на ДПА, на улица „Азим Вокши”, зад хотел „Тирана”. На власт сѐ уште беше Рамиз Алија и „зад петиците” имав дури двајца! Бериша рече дека тоа му е прво интервју со странски новинар. Можеби и не е така, најмалку е важно, но ми го одреди еден од најблиските соработници, Генц Поло, како човек за контакт. Работата заврши на начин што Танјуг беше првата агенција во светот која извести за рушењето на споменикот на Енвер Хоџа во Тирана, а МТВ првата што емитува филмуван материјал. Jас, пак, својот ангажман во Танјуг го завршив со статус: „уредник агенције“, во тоа време професионален Олимп за секој новинар.
ДОЗИРАН РИЗИК
Дописникот треба понекогаш и да ризикува, внимателно и дозирано. Ќе го споделам случајот со рушењето на тајноста на средбата Глигоров-Милошевиќ во Охрид. Го имав веќе формирано Супер радио, на локација до „Охридска банка”, на булеварот. Рано сабајле забележав невообичаени активности на полицијата и силно присуство. Побарав информација, најнапред кај нив, тие ме „курнаа”: Демек, поради првото пукање (подоцна заврши кобно со атентат) на тогашниот директор на поштата и семеен пријател Данко Николоски! Милошевиќ и порано беше во Охрид и знаев некои детали. На аеродромот, во Контролата на летање имаше едно момче (денешниот пратеник Тони Тунте), кој водеше емисија на радиото. Му се јавив, му велам, јас ќе те прашувам, ти не објаснувај ништо, само потврдувај. Дали утрово слета воен авион од Белград? – Да .Дали со патникот беше и оној високиот телохранител (мислев на познатиот Сента, кој подмолно не удираше ако премногу се приближевме!)? – Да. Доволно беше. Се јавувам во вилата Билјана, таму „немало ништо!”. Се јавувам пoвтoрно, на линија го имам советникот Ахил Тунте, охриѓанец. Му велам знам сѐ, му кажувам што знам, односно претпоставувам, а тој: „Прај што знајш, ќе ти се налути Претседателот!“ Лутел не лутел, ова не се испушта. Почнавме со прва вест на радиото, па Танјуг (прв и единствен извештај откако го напуштив на моја иницијатива), па Франс прес, преку Јасмина Миронски, вечерта директно јавување на МТВ (водеше Бранислав Димоски) и за крај, ласкавата оценка за радиото: Малиот Би-Би-Си од Охрид!
ВЕШТИНА И СРЕЌА
На дописникот не треба да му недостасува и вештина. Сега со електронските медиуми тоа се надминува, ама, сепак, најдобро е столицата да се загрее во сабота и недела, за време на викенди, празници и слично. Тогаш редакциите се најпразни и најподатливи за „свежо месо”! Склон сум да верувам, ако веќе не можам да тврдам, дека денешниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, се вивна медиумски на таа формула. Уште како министер (за трговија, ли беше?), во недела ги соопштуваше ,,реформите“,. со фискалните каси. Јас напишав:Casse diSipkovicafiscale!
Понекогаш е потребна и среќа. Занаетот на вистински начин го испеков во Танјуг, каде наидов на искусна уредничка (Роса Грчиќ), која веруваше во мене и покрај почетната екстензивност, на што ме советуваше: Пишувај онака за подеднакво да те разбере и“чобанин са Копаоника и академик са “Француске”! Пишувај како да е телеграма, секој збор посебно се плаќа- и одвишните! Среќа е што ја минав Вечер-овата школа на креирање наслови. Можам само да жалам за она што е Вечер денес, но, ако е некаква утеха, мојот Вечер е оној од времето на Мирко Миронски. Денешните уредници немаат време за помладите, а малку им веруваат и на постарите! Ќе споделам едно искуство што значи доверба во дописник. Во ист ден од Вевчани испратив поширок извештај за познатиот случај, а “Коцката” од Скопје – официјално соопштение. Угледната Политика, најстариот весник на Балканот, тоа го реши на овој начин. Ги објави и двата материјали, еден покрај друг, со овој коментар: “А сада коме веровати?”! “Ипак, дописнику!”. Колегата Панде Колемишевски, денеска се „продава” за предвесник на демократизацијата, ама за Вевчанскиот случај пишуваше трактати порачани од „Коцката“ на ЦК СКМ, на три од четирите колони страница од тогашна- чаршафска Нова Македонија.
УПОРНОСТ И УЧЕЊЕ
На дописникот му е потребна упорност – без крај и учење – до крај. Нема разочарување, нема застанување. Ако на патот застанете на првото лавнување на кучињата никогаш нема да стигнете ниту до соседното село, пишува рускиот класикТургењев. Имав постар колега, сега покоен, дописник на Радио Скопје, Цветан Стефанов: Ако те избркаат низ врата, треба да им се вратиш низ оџак! И конечно, треба да се следи времето. Ги имав и среќата и маката да минам многу фази, многу редакции. Не ми беше тешко цел месец да се одвојам од семејството за курс во Вашингтон (ВОА). На времето ја користевме фразата на италијанската репортерка Оријана Фалачи (се прослави со интервјуата со палестинскиот лидер Јасер Арафат):Новинарот вреди онолку колку што телефонски броеви има во својот бележник! Сега е некое друго време, на сцената се некои други вредности.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).