Од денеска, 19 август човештвото живее на кредит бидејќи е во еколошки минус. Светското население ги потроши сите природни ресурси кои Земјата може да ги обнови во рок од една година, предупреди Светскиот фонд за заштита на природата (WWF).
– Годинава влеговме во „црвено“ еден ден порано во споредба со 2013 година и дури 45 дена порано од 2000 година, наведува Фондот.
„Earth Overshoot Day“ е датум во годината кога човештвото ги потрошило природните ресурси. Овој фатален датум секоја година е се порано и порано, а прагот првпат е предвиден на 19 декември 1987 година како последица на економскиот и демографскиот раст на почетокот од 70-тите години од минатиот век.
Дури 86 отсто од светското население живее во земји кои бараат повеќе од природата отколку што таа може да им обезбеди.