Познатиот музичар и ди џеј Мирко Попов во интервју за 24 Струмица вели дека во Македонија владее најдолниот вид на турбо фолк култура, а таа е поддржана и финансирана од највисоките државни институции:
– Во 90-тите алтернативната култура имаше посериозен замав и поширока група на луѓе беше заинтересирана за тој тип на култура и некоја рокен рол и електронска култура која беше поалтернативна.
Но се сврте тркалото кон народњачка варијанта и сето тоа е спонзорирано и од комерцијалните и од владините спонзори, така да у моментот тркалото е свртено кон дното. Но ако се свртело надоле ќе се сврти и нагоре, битно е да се опстане, оние луѓе кои ја работаат оваа посериозна култура да опстанат во приказната и продолжат да генерираат во околината добри вибрации и да работат на некои нови дечки да се зафатат со некоја понормална култура.
Мислам дека многу одамна нашата држава има кажано што смета за култура, значи онаа естрада, турбо фолк, најшлам сцена, тотално безвредна музика ја смета за врв на култура, као на пример Владо Јаневски културен аташе у Хрватска , значи они тоа го сметат за култура во нашата земја, тоа го финансират и оние луѓе кои ги добиваат парите се токму тие луѓе истите од естрадата, тоа се тие луѓе кои пеат на митинзите на владејачката страна, не само на оваа и на минатата владејачка страна, истите тие луѓе пеат и за ВМРО и за СДСМ.
Тоа точно говори на кое ниво е музичката естрада, буквално кој ќе им залепи илјадарче на чело пеат за нив и они ги добиваат тие пари, на некој начин се платени и исплатени да отпеат, од тие песни претпоставувам да не грешам душа може ќе испадне некој хит, но во најголем дел ќе бидат безвредни како што се напраени така ќе бидат и заборавени, само што они ќе инкасираат по некое илјадарче, вели Попов.