Јусеин Болт се врати на атлетската патека по едногодишна пауза и веднаш постигна рекорд. Тој беше дел од штафетата на Јамајка која трката 4х100 метри ја заврши со нов рекорд на Игрите на Комонвелтот што се одржуваат во Глазгов.
Болт, Џејсон Ливермор, Кемар Бејли-Кол и Никел Ешмид постигнаа време 37,58 секунди. Клучната предност во однос на конкурентите Јамајчаните ја остварија кога на патеката беше Болт.
Второто место и сребрениот медал им припадна на Англичаните. Тие зад победниците доцнеа 44 стотинки. Штафетата на Тринидад и Тобаго трката ја заврши на третата позиција. До бронзениот медал атлетичарите на оваа земја стигнаа со време 38,10 секунди.