По неодамнешното разузнавачко откритие на САД и Јужна Кореја, според кое над 6.000 експерти од Северна Кореја во последниве години се обучени за специјалисти за „кибер војување“ во Сеул расте загриженоста дека северниот сосед и покрај слабото класично наоружување и недообучена армија, сепак, стекнува воено предност.
– Балистичките проектили и срествата за масовно уништување, меѓу кои и нуклеарното, на воен план се сметаат за мошне силни воени аргументи на Пјонгјанг, сметаат експертите.
Јужнокорејанските медиуми денеска пренесуваат изјави на високи воени и државни експерти според кои постои реална опасност Северна Кореја да ги блокира серверите на армијата на Јужна Кореја, а уште полесно тоа може да се направи со виталните комуникациски системи што ја опслужуваат економијата.
Весниците во Сеул денеска потстетуваат на првиот сериозен кибернапад од Пјонгјанг, изведен во јули 2009 година, кога беше запрен пристапот до 35 големи системи на владите во САД и Јужна Кореја, вклучувајќи го и системот на Белата куќа во Вашингтон.
Со кибернапад во 2011 година севернокорејските експерти неколку недели ја парализираа работата на банките во Јужна Кореја. Последниот поголем масовен напад е извршен минатата година. Од неколку локации од Северна Кореја, но како што се откри подоцна и од Кина и Индонезија, беа блокирани три поголеми ТВ станици, неколку банки и 32.000 персонални компјутери во Сеул.
Јужнокорејанската армија во 2012 година создаде посебно одделение за одбрана од кибернапади, но за сега Северот е далеку поорганизиран и поекипиран.