Во Скопје, Прилеп, Тетово, Кавадарци, Пробиштп и во други градови низ земјата може да се видат плакати на кои пишува „70 години АСНОМ Социјална секуларна република со ѕвезда петокрака.
Се работи за иницијатива на повеќе активисти од цела Македонија кои инспирирани од седумдесетгодишнината на АСНОМ, решија да се навратат на вредностите од кои е изградена нашата земја и да проговорат во нивна одбрана и промоција.
-Уште со манифестите од Крушево и од Св. Прохор Пчински поставени се трите столба кои ја крепат Македонија. Таа е замислена и создадена како Социјална, Секуларна и Републиканска држава, со цел да биде дом на сите кои во неа живеат и ја сметаат за своја.
Без да бидеме претенциозни, сакаме да ги реафирмираме и одбраниме овите три столба. За таа цел, малку пишувавме, малку дизајниравме, фотографиравме…
Направивме блог, кој е целосно посветен на 70 годишнината на АСНОМ. Поканивме повеќе автори, да земат учество со пишување на текст меѓу кои граѓански активисти за човекови права, новинари, професори, граѓани, велат активистите.
Нивниот блог е http://ssr.kauza.mk/
“Единото средство коjе не можеше да ти биде ограбено, беше борбата. Таја остана најсилното оражие во твоите раце и ти помогна да не бидеш збрисан како народ” …”Од вас зависи дали Македонија ќе биде зандана за робови или слободна татковина на слободни луѓе”, потсетуваат активистите на Манифестот на АСНОМ.
А.Б.