„Спортска афера“ – насловна страница на Алан Форд бр. 63 во изданије на Вјесник од Загреб. Фото: Stripovi.com.
Пример поврзан со финалето на Светскиот куп во фудбал покажува дека социјалните мрежи може да послужат како средство за измама на јавноста или на поединци, што може да се спречи со примена на новинарските стандарди кои ја ставаат на прво место потрагата по вистината и проверката на изворите
Пишува: Филип Стојановски, информатичар, програмски директор во Фондацијата Метаморфозис
Новите технологии овозможуваат ефикасно ширење на информациите, но, исто така и можности за брзо ширење дезинформации и манипулирање на јавноста. Еден таков пример е примената на Твитер веднаш по светското првенство со цел убедување во однапред определен исход на финалето. Истата техника може да се користи и за убедување наивни во натприродни способности од самонаречени јасновидци и пророци.
Веднаш по завршувањето на финалето од Светското првенство во фудбал во Бразил, преку социјалните мрежи се прошири „вест“ дека „протекле“ информации, кои укажуваат на местење на мечот. Како извор беше посочуван Твитер-профилот @fifndhs насловен „Корупцијата на ФИФА“ (FIFA Corruption) на кој можеше да се видат твитови кои го „предвидуваат“ исходот, а за кои е сигурно дека биле објавени неколку часа пред натпреварот. Твитовите се:
- Докази дека ФИФА е корумпирана. (19:18, 13.07.2014, по централноевропско време)
- Утрешниот резултат ќе биде победа за Германија со 1:0 (19:19, 13.07.2014)
- Германија ќе победи во продолжението (19:24, 13.07.2014)
- Геце ќе даде гол (19:25, 13.07.2014)
- Ќе има гол во вториот дел од продолженито (19:28, 13.07.2014)
Како резултат на ширењето на оваа теорија на заговор, профилот за неколку часа доби повеќе од 43.000 следбеници, а некои од тие твитови беа ретвитнати, односно споделени, повеќе од 70.000 пати.
Кредибилитет на тврдењето дека се објавени „инсајдерски“ информации го дава начинот на кој функционира Твитер. На оваа мрежа, објавувањето на секоја порака, или твит, е проследено со точното време на објавување. За разлика од Фејсбук, Твитер не дозволува накнадно уредување, односно менување на содржината на објавите. Фактот дека тие твитови биле напишани и објавени пред самиот натпревар е неспорен.
Но, тоа не е доказ и дека навистина се работи за претходно знаење. Имено, на самиот профил можело да има и други објави кои биле објавени во исто време, но со друга содржина. На пример, дека резултатот ќе биде 2:0, или 3:1, или 0:1, или дека Меси ќе постигне гол. Бројот на комбинации е огромен, но бројот на веројатни исходи е конечен. Дел од тврдењата можат да бидат доволно општи, а да делуваат убедливо. На пример, или ќе има или ќе нема гол во продолжението. Пред да се објават „доказите“ доволно е да се отстранат тврдењата кои не одговараат на „теоријата“. Ако се остават само оние што биле „точни“, тогаш е лесно читателот на прв поглед да се излаже дека овде „има нешто“.
Ова не е прв пат на ваков начин да се манипулира јавноста. Порталот за откривање компјутерски криминал „Зона на сајбер-војна“ (Cyber War Zone) посочува дека на сличен начин бил „предвидуван“ исходот и на Лигата на шампиони, преку профилот @uefacorruption, како и при извлекувањата за Светскиот куп преку профилот @FraudeMundial14. По сè изгледа, целта на објавувањето вакви профили е да се соберат што повеќе следбеници, а потоа профилот да се користи за други намени, односно да се продаде.
При обработка на ваков вид информации од интернет, новинарите би требало да обрнат внимание на следните аспекти:
- Времето на објавување: Дали може или не може да се промени датумот и часот? На Твитер и Фејсбук не може, но на блог – може.
- Содржината: Дали е можно уредување, дополнување и менување на веќе објавени содржини? На Твитер не може, но на Фејсбук и блог – може. Дали самата содржина е во јавен интерес? (Во случајот на ФИФА, дали има врска со реални проблеми и контроверзи.)
- Кредибилитетот на профилот/страницата: Кога е отворен? Може ли да се потврди кој или каков ентитет ги контролира содржините? Ако е анонимен, дали има и други содржини од истиот извор кои се неспорно точни или кредибилни (како „Викиликс“)? Дали се работи за група луѓе кои имале и други акции? Или, пак, се користи псевдо-идентитет кој е украден или може било кој да го преземе (како „Анонимните“)? Дали се работи за борци за јавен интерес, кои се принудени да го кријат својот идентитет, или пак за нешто друго?
- Што другите зборуваат за случајот? Дали е веќе обработен од истражувачки новинари или специјалисти релевантни на темата? Што се добива ако профилот, или адресите кои се посочуваат како докази, се стави како клучен збор за пребарување на Гугл, или во интерните пребарувачи, особено на Твитер?
Техники на манипулација слична на горенаведената не се карактеристични само за дигиталниот свет. Слични случаи опишува и популаризаторот на науката Џон Ален Паулос во неговата книга за математичката неписменост од 1988 година (John Allen Paulos, Innumeracy: Mathematical Illiteracy and its Consequences, стр. 32-34):
Измама на берза
Берзанските консултанти се насекаде, а вие веројатно може да најдете таков што ќе ви каже скоро сè што би сакале да чуете. Тие обично се убедливи, звучат сосема авторитативно, а говорат со чуден јазик, користејќи изрази како полагања (анг. puts), повици (calls), Џини Маис (Ginnie-Maes) и нулти купони (zero-coupons). Од моето скромно искуство, повеќето од тие личности обично ни самите не знаат за што зборуваат, но претпоставувам дека, сепак, ќе се најде по некој исклучок.
Доколку од извесен берзански консултант, во текот на шест недели, би добивале по пошта бесплатни и точни предвидувања во врска со некој берзански индекс, дали би платиле кога би ви побарале пари за седмото такво предвидување? Да претпоставиме дека навистина ве интересира инвестирање и да претпоставиме дека ова прашање ви го поставуваат пред падот на берзата од 19 октомври 1987 година. Во колку би се согласиле да платите за седмото предвидување (па и ако не би го сториле тоа) разгледајте ја следната дубара.
Некојси демек-консултант става лого на луксузно отпечатен меморандум и праќа 32.000 писма до потенцијални инвеститори во некој берзански индекс. Во писмата се објаснува сложениот компјутерски модел, финансиската експертиза и внатрешните контакти кои неговата компанија ги поседува. Во 16.000 од писмата, советодавецот предвидува дека индексот ќе порасне, а во преостанатите 16.000 предвидува дека индексот ќе се намали. Без разлика дали индексот ќе забележи пораст или пад, се праќа наредно писмо, но само на оние 16.000 луѓе кои претходно добиле точно „предвидување.“ На првите 8.000 од нив следната недела им се предвидува пораст, а на другите 8.000 – пад. Што и да се случи, 8.000 луѓе веќе имаат добиено две точни предвидувања. Повторно, само до овие 8.000 лица, се праќаат писма во врска со однесувањето на индексот во наредната седмица: 4.000 што предвидуваат пораст, 4.000 што предвидуваат пад. Што и да испадне, 4.000 луѓе сега ќе имаат добиено три неспорно точни предвидувања.
Ова се повторува уште неколку пати, за на крај 500 луѓе да имаат добиено шест неоспорно точни „предвидувања.“ Консултантот сега ги потсетува овие 500 души за ова и им кажува дека за да продолжат да ги добиваат овие вредни информации и во седмата недела, секој од нив ќе мора да приложи по 500 долари. Ако сите тие платат, нашиот советодавец добива 250.000 долари.
Доколу вакво нешто се направи со предзнаење и со намера да се прелаже, законски се смета за нелегална измама (во САД). Од друга страна, се толерира ако колку се изврши без предзнаење од ентузијастички, но неупатени издавачи на берзански списанија, или од надрилекари, или од телевизиски проповедници. Постојано има доволно случајни успеси со кои може да се оправда било кое избрано верување.
Постои уште еден, сосем поинаков проблем кој излегува на виделина преку овие берзански прогнози и имагинарни објаснувања на успеси. Бидејќи тие многу се разликуваат според форматот и се често неспоредливи и многубројни, луѓето не може преземат нешто во врска со сите нив. Лицата кои си ја пробуваат среќата и се неуспешни обично си молчат за своите искуства. Но, секогаш ќе има ретки поединци кои ќе бидат исклучително успешни, кои потоа гласно ќе се колнат во ефикасноста на системот што го користеле. Други луѓе многу скоро ќе почнат да ги следат, ќе се роди мода која ќе опстојува извесно време, без разлика на тоа што нема основа.
Постои силна општа наклоност кон филтрирање на лошото и промашеното, а фокусирање кон доброто и успешното. Казината ја поттикнуваат оваа тенденција преку обезбедување за секое добивање макар на паричка на џек-пот да предизвика трепкање на светилките и да предизвика ѕвечкање на металниот испуст. Гледањето на сите тие светла и слушањето на сите ѕвечкања лесно предизвикува впечаток дека сите победуваат. Губитоците или неуспесите се неми. Истото се однесува и на широко популаризираните големи добивки на берзата, наспроти релативно невидливите берзански пропаѓања, како и на исцелителот кој ќе ја прифати заслугата за случајните подобрувања на здравјето, но не и одговорноста доколку, на пример, тој се моли за слеп човек кој потоа станува и куц.
Овој феномен на филтрирање е многу раширен и се манифестира на многу начини. Во било која димензија која би ја одбрале, просечната вредност на голема збирка е приближно иста со просечната вредност на мала збирка на истородни вредности, арно ама екстремната вредност (минимум или максимум) на големата збирка е изразито поекстремна од онаа на малата збирка. На пример, просечниот водостој на дадена река во тек на дваесет и пет годишен период ќе биде сличен на просечниот водостој во текот на една година, но најлошата поплава во тие дваесет и пет години најверојатно ќе биде со многу повисоко ниво на водата од она во едногодишниот период. Просечниот научник од малата Белгија ќе може да се спореди со просечниот научник од Соединетите Држави, иако најдобриот научник од САД, во општ случај, ќе биде далеку подобар од најдобриот белгиски научник (ги игнорираме очигледните комплицирачки фактори и проблеми со дефинициите).
Па што? Поради тоа што луѓето обично се фокусираат на победниците и екстремите, било во спортот, уметноста или науката, секогаш ќе има тенденција да се омаловажуваат денешните спортисти, уметници и научници преку нивно споредување со исклучителните случаи. Сродна последица е дека вестите од светот се обично полоши во споредба со вестите од државата, кои понатаму се полоши од локалните вести, кои се полоши од вестите од соседството. Локалните преживеани од некоја трагедија неизбежно ќе се појават на ТВ велејќи нешто како: „Не можам да го разберам. Вакво нешто никогаш порано не се случило тука.“
И една манифестација за крај: пред појавата на радиото, телевизијата и филмот, музичарите, спортистите и слично, можеле да развијат верна локална публика, бидејќи тие биле најдобрите што повеќето од тие луѓе било кога би ги виделе. Сега публиките, дури и во руралните области, не се задоволуваат со локални забавувачи и бараат таленти од светска класа. Во оваа смисла, овие медиуми се покажале добри кон публиката, но лоши кон изведувачите.
„Филтрирање на лошото и промашеното“ е присутно во односот на поголемиот дел од македонските медиуми кон разни пророци, исцелители, јасновидци, автори на хороскопи и слични производи кои се дел од индустрија на празноверие во која се вртат огромни пари. Дел од тие пари се извлекуваат директно од измамените граѓани од самите практикувачи на овие видови магија, а дел со посредство и соучесништво на медиумите, се добиваат индиректно, преку огласи, рекламирање и одземање на вниманието на публиката.
Како класичен пример може да се посочи написот според кој „ѕвездите“ предвидуваат дека „Тоше ќе се ожени на 33 години со постара жена“. Веста за изработена натална карта е објавена на 28 август 2007 година, неколку месеци пред прераната смрт на Тоше Проески. Потоа немаше никаква форма на отчет за лажните „предвидувања“, бидејќи оваа високопрофитна индустрија останува затскриена зад превезот на „забава“. Од друга страна, таквата состојба нуди низа можности за нови истражувачки стории со кои би се демаскирале практиките на измами во интерес на општата јавност, а особено на потенцијалните индивидални жртви на измами.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).