Реакција од Агенција за храна и ветеринарство на тврдењата на СДСМ

Од:

Невистинити и тенденциозни се тврдењата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија со кои денеска, преку соопштение до јавноста, по кој знае кој пат се обидоа да внесат вознемиреност и паника кај населението, по завчерашната официјална потврда од здравствените власти за појава на случаи на заболени лица од бактеријата листерија, се вели во реакцијата од Агенција за храна и ветеринарство на Република Македонија.

Ни случајно, како што се истакнува во соопштението на СДСМ, се посочува, не станува збор за нереагирање од страна на надлежните институции по утврдувањето на присуството на оваа бактерија.

– Веднаш по добивањето на информацијата за евентуалната поврзаност на случаевите на листериоза со храна (петок, 18.07.2014 година), Агенцијата за храна и ветеринарство изврши увид во неколку фирми, кои беа наведени во епидемиолошката анкета, со цел утврдување на фактичката состојба и преземање на сите неопходни мерки. Со цел потврдување или отфрлање на поврзаноста, земени се мостри за лабораториско испитување и извршена е контрола на активностите на фирмите. Наредниот ден (сабота, 19.07.2014 година) извршени се дополнителни контроли во наведените објекти, се подвлекува во реакцијата од Агенцијата.

Со цел сведување на ризикот на минимум, од 21.07.2014 година, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, Агенцијата спроведе опсежно земање на мостри и од другите производители на храна од животинско потекло, а во моментот земени се повеќе од 200 мостри и спроведе сеопфатни контроли во објектите.

Финалните резултати, а не шпекулациите, се потенцира во реакцијата, ќе дадат одговор на прашањето кој е изворот на заразата. Причината поради која во првиот круг на контроли се опфатени домашните производители на месни и млечни производи, се појаснува, се заснова на епидемиолошките испитувања спроведени од здравствените власти, при што како потенцијални, но не и дефинитивно потврдени извори се посочени одредени производи од домашно потекло.

Паушални се тврдењата изнесени во денешното соопштение на СДСМ дека не се врши мониторинг на безбедноста на храната во домашните производствени и преработувачки капацитети, стои во реакцијата од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од аспект на спроведување на превентивен мониторинг на храна, Агенцијата за храна и ветеринарство секоја година спроведува Мониторинг на безбедност на храна на одредени параметри на репрезентативен број на примероци, при што во 2013 година и тековната 2014 година не се утврдени позитивни наоди на листерија. Мониторинг програмата е одобрена и од страна на Европската Унија.

Согласно Законот за безбедност на храна, се појаснува, сите оператори со храна се должни сами да воспостават и спроведуваат внатрешни системи на безбедност на храна (ХАЦЦП) во рамки на кои се спроведува и задолжително лабораториско испитување за евентуално присуство на одредени микроорганизми, меѓу кои и листериозата.

Задолжителното испитување на листериозата е пропишано во Правилникот за микробиолошките критериуми за храната (Сл. Весник бр. 100/2013), кој е во целост усогласен со Регулативата на ЕУ бр.2073/2005), а инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат редовни контроли кај операторите од аспект на негово спроведување.

Што се однесува на увозот на храна, согласно Планот за контрола заснован на анализа на ризик, во текот на 2013 година Агенцијата има лабораториски испитано над 4.000 примероци за утврдување на микробиолошката исправност на храната и сите се со задоволителен резултат. Листеријата, нормално е составен дел на испитувањето.

Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство и во наредниот период останува посветена на заложбите за темелно и со факти аргументирано расветлување на овој случај, со цел граѓаните да добијат вистинска слика за безбедноста на храната која ја консумираат.

Листериозата е голем здравствен проблем, пред сé во развиените земји (Европа, Америка и сл). Годишната инциденца на ова заболување во поголем број земји од ЕУ, се наведува во реакцијата од Агенцијата, просечно се движи од 2-10 пријавени случаи на 1.000.000 жители (0,3/100.000 жители).

Во последните години, листериоза била пријавена во 23 земји-членки на ЕУ и била петта од најчестите зоонозни инфекции регистрирани во Европа, после Камплобактер, Салмонелла, итн. Во 2012 година, бројот на пријавени потврдени случаи на листериоза во ЕУ членките бележи покачување за 10,5 проценти во однос на 2011 година.

Би можело да ве интересира

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада

Скопјани имаат најголеми, а жителите на Крушево најмали можности за здравствена заштита

Катерина Ѓуровски