За регионалните односи на Македонија: ЗАПАДЕН БАЛКАН – географски или политички поим (1)

Од:

Западен Балкан: Балканските војни во 90-ите години од минатиот век – уништен Вуковар. Фото: Peter Denton, 1991

Има термини кои упорно се провлекуваат во медиумите (со истоветно или различно значење), многу често без соодветни информации за нивната позадина, или, пак, едноставно пресликани од странски извори или гласила. Еден од тие термини е терминот ЗАПАДЕН БАЛКАН.

 

Пишува: Сашко Тодоровски, дипломат од кариера / ополномоштен министер

 

Во упорните настојувања на балканските земји да дојде „коњаник на бел коњ“ од јабана или од странство, но, во секој случај од некаде далеку, и да ги спаси од силните „недаќи“, редовно се добиваат вакви или онакви понуди, а овие, се мисли барателите на помош, проценуваат дали „коњаникот“ е вистинскиот или не. Последната таква понуда ја добивме од „коњаничката“ Меркел, илити од Германија. Според Фаланга, (12.06.14):

„…Геманската канцеларка Ангела Меркел изјави дека Германија сака да соработува со Македонија и ќе ја радува доколку во наредниве месеци дојде до решение на проблемот со името. (…) Меркел потврди и дека на 28 август Берлин ќе биде домаќин на конференцијата на земјите од Западен Балкан. – Очекувањата од конференцијата се дека со неа ќе придонесеме прво подобро да се запознаеме, зашто и ние во Германија не знаеме сѐ за проблемите на земјите од регионот (…) За идната година е договорено тоа да го направи Австрија. Значи, ќе има и конференција која ќе следува, изјави Ангела Меркел.“

За да не дојде до некоја забуна, но, и да ја приближи до балканската јавност оваа „понуда“, се погрижи германскиот амбасадор во – Белград! Според 24-Вести, (13.06.2014):

„…На конференцијата на држави од Западен Балкан што ќе се одржи на 28 август во Берлин, покана е упатена на адреса на сите осум држави од регионот, изјави германскиот амбасадор во Србија Хајнц Вилхелм. Тој најави учество на премиери, министри за надворешни работи и економија. (…) Германскиот амбасадор додаде дека постојат насоки конференцијата секоја година да биде свикана од една членка на ЕУ и оти следен домаќин по Германија, ќе биде Австрија.“

 

ДОЛГИ ГОДИНИ ЗАПОЗНАВАЊЕ

 

Ова, мора да признаам, малку ме загрижи од неколку аспекти. Прво, ако според Меркел тие во Германија не знаат сѐ за нашите проблеми, а секоја година ќе нѐ свикува некоја друга членка на ЕУ – нѐ чекаат долги години на запознавање на секој од домаќините на овие средби со нашите проблеми. Но, попроблематично ми се сторија нагласката на Австрија како нареден домаќин и дека се работи за осум држави. Ова второво ме заинтригира заради тоа што неодамна, но малку пред овие вести, прочитав дека се, всушност, шест земјите на Западниот Балкан! Според Вест, (03.06.14):

„Ако ЕУ не се прошири кон овие 6 земји од Западен Балкан, што ќе им правиме?”, изјави италијанската министерка за надворешни работи Федерика Могерини на Виенската конференција за Западен Балкан 2014, чија тема беше „ЕУ како мировен проект – следни чекори во процесот на проширување”. Министерката Могерини, чија земја го презема претседателството со ЕУ од 1 јули, ја резимираше конференцијата со изјавата: приказната за ЕУ нема да биде успешна ако Западен Балкан не стане дел од Унијата”. Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, кој беше домаќин на конференцијата и на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ), рече дека евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан е од особено значење за Австрија, бидејќи е најголем инвеститор во овој регион и најмногу е заинтересирана за отворен пазар.“

Ова дефинитивно покажува дека Австрија е одлично избрана како иден домаќин, но, дали и Меркел и амбасадорот Вилхелм биле неинформирани дека веќе се одржала Конференција за Западен Балкан и тоа токму во Австрија? Па, дури и ние знаеме дека така било, бидејќи и нашиот министер за надворешни работи учествувал на таа конференција. Имено, според Курир, (03.06.14):

„Министерот Никола Попоски денеска учествуваше на работен појадок за министрите за надворешни работи Западен Балкан организиран од страна на еврокомесарот Штефан Филе, како и на конференцијата за Западен Балкан во Виена, чиј домаќин е Австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц. (…) Посветеноста на Република Македонија кон потребните реформи беше потврдено од потпретседателот на Светската Банка, Лора Так, која во своето излагање Македонија ја издвои како пример: -Некои држави во регионот вредно работеа кон создавање на клима за инвестиции, целејќи да го ослободат потенцијалот на приватниот сектор. Македонија е една од врвните реформатори во отстранување на административни пречки за водење бизнис. Минатата година, таа беше меѓу првите дваесет и пет земји во светот – пред многу ЕУ членки – на светскиот индекс за Леснотија при водење на бизнис.“

 

ЌЕ ПРИМАМЕ ИЛИ ЌЕ ПРУЖАМЕ ПОМОШ

 

Ако сме веќе пред многу членки на ЕУ, дали ние на овие, веќе одржаната и идните конференции за Западен Балкан, ќе примаме или ќе пружаме помош? И што е со тоа дека се работи за шест земји – нели, според Германците се осум? Ако ја повикаме на помош Википедија се надевам дека нема да излезат всушност седум земји! И број- број – стварно се седум земји! Според Википедиа, (13.06.14):

„Институциите на Европската унија и земјите членки го дефинираат „Западниот Балкан“ како област на Југоисточна Европа што се состои од земјите што не се членки на ЕУ ( Хрватска, која е членка, Србија, БиХ, Црна Гора, Косово, Македонија и Албанија – или Албанија плус поранешна Југославија минус Словенија).“

Се разбира дека и ние во Македонија имаме академски и параакадемски кругови кои со леснотија се справуваат со овие „чудности“, па дури и држат тркалезни маси. Според КИСС, (03.06.14):

„Универзитетот на Југоиcточна Европа организираше тркалезна маса Европските перспективи на западен Балкан по изборите за Европскиот Парламент

Македонија продолжува со својата евро-атланска интеграција без разлика што повеќе екстрeмни партии и евроскептици ќе има во Европскиот парламент. Ова беа дел од пораките на учесниците на дебата на “Европските Перспективи на Западен Балкан после изборите на Европскиот Парламент. (…)“

 

АКО ИМА ЗАПАДЕН БАЛКАН, КАДЕ Е ТОГАШ ИСТОЧЕН БАЛКАН?

 

Од ова јасно произлегува дека не само што концептот Западен Балкан е јасен, туку и ние во Македонија (нашироко) го користиме! Впрочем, ако Македонија е дел од Западен Балкан, а Бугарија не е, значи дека Бугарија е Централен Балкан, а Источен Балкан е …! Мал проблем е што наредна во таа линија е Грузија, ама тие никако не се на Балканот – колку и да сакаат. Повторно да ја повикаме на помош Википедија, каде принципот „таа дупка – не е дупка“ веќе одлично функционираше кај бројките, па така Хрватска е наведена, ама како да не е! И навистина, според Википедиа:

„…Денес, Западен Балкан е повеќе политичка отколку географска определба за Југоисточна Европа што не е дел од ЕУ. Секоја од тие земји има цел да влезе во ЕУ и да постигне демократија и трансмисиони погодоци (освен оние што веќе го сториле тоа, односно Хрватска, од 2013 година и Словенија од 2004 година), а до тогаш ќе бидат силно поврзани преку ‘чекалната’ на ЕУ – ЦЕФТА…“

Ваквото толкување како да го превидува, на пример, терминот “enlargement countries” или земји на проширување. Значи, без да изместуваме ниту една географија можело да се каже Балкански земји на проширување. Оттука, речиси е извесно дека инсистирањето на Западен Балкан, сепак, има свое скриено значење. Имено, како сите да подзаборавија зошто и како се дојде до поимот Западен Балкан, а нашите новинарски пера како и да не сакаат да чепнат во таа материја. Имено, 1996 година Западен Балкан беше географски запад и ги опфаќаше балканските земји што го потпишаа Дејтонскиот мировен договор. Тие беа и останаа три земји. Друго прашање е како се случи Западен Балкан да се движи по географските линии, да го менува бројот на земјите што се опфатени со тој негеографски поим и, основното: зошто Македонија било тогаш било сега се согласува да е дел од тој негеографски поим, односно дали тоа одговара на нашите национални интереси?

(продолжува идната недела)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска