Новинарите и известувањето од трауматични настани

Од:

Одбележување на денот на сеќавањето на жртвите од Вуковар. Фото: Vanja Gavrić, 2010.

Луѓето инволвирани, директно или индиректно, во трауматични настани ги преживеале тие настани и секогаш ги преживуваат кога за нив треба да зборуваат со странци, особено со странци со диктафони, камери, новинарски бележници…

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Кога се случуваат трауматични настани за една заедница или општество, на сцената, заедно со полицијата, лекарите и спасувачите, се и новинарите. Тие настани се сами по себе вест.

Многу често, трагичните настани, кои имаат сериозни последици и жртви, можат да бидат пресвртница во кариерата на новинарите – во позитивна или негативна смисла.

Парадоксално, но во првиот момент кога ќе стигне информација за ваков настан во редакцијата, новинарите и уредниците велат: „Имаме добра сторија денеска…“. Новинарскиот инстикт и адреналин започнуваат да работат. Во тој момент, ниту новинарите, ниту нивните уредници, ниту, пак, оние кои најнепосредно се погодени од трауматичните настани, не сфаќаат како тие влијаат на нив.

Бидејки се многу важни, препораките за известување за трауматични настани се вклучени и во Кодексот на новинарите во член 8:

„Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.“

Поплавите во Винченца, 1 ноември 2010 – полициска патрола по поплавените улици. Фото: US Army Africa, 2010

Поплавите во Винченца, 1 ноември 2010 – полициска патрола по поплавените улици. Фото: US Army Africa, 2010

 

Прибирање информации и интервјуа со жртви на трауми

Новинарите во својата кариера се среќаваат со жртви на трауматични настани какви што се убиства, природни катастрофи, насилства од различна природа, насилства врз деца, војни, бегалски кампови, терористички напади… Новинарите интервјуираат и собираат податоци и сведоштва за претрпени стравови, насилства, зависности, самоубиства, дискриминации, за трауматични воени настани, сексуални злосторства… Луѓето инволвирани, директно или индиректно, ги преживеале тие настани и секогаш ги преживуваат кога за нив треба да зборуваат со странци, особено со странци со диктафони, камери, новинарски бележници…

За разлика од претставниците на полицијата овластени да спроведуваат истраги, за разлика од судиите, за разлика од лекарите, кога жртвите на траумите во име на истрагата, правдата или здравјето, се очекува да сведочат и зборуваат, основното правило за новинарите во овие случаи е дека треба да очекуваат и да не ги добијат приказните „на тацна“. Тоа се лични, длабоко потресни приказни, кои доколку некој што ги преживеал, не сака – не мора да ги изложи пред јавноста.

Тоа новинарите мора да го почитуваат.

Тоа не значи дека тие приказни треба да бидат „закопани еднаш засекогаш“, туку дека треба да се биде трпелив и да им се остави правото на избор на жртвите на времето кога тие сметаат дека можат да зборуваат за тие настани.

Гневот на јавноста – улиците на Атина после демонстрации кои завршија со пожари и судири со полицијата. Фото: indymedia, 2008

Гневот на јавноста – улиците на Атина после демонстрации кои завршија со пожари и судири со полицијата. Фото: indymedia, 2008

Понекогаш е тешко да се стигне директно до жртвите и сведоците на трауматични настани. Во такви околности помагаат контактите со нивните роднини, пријатели, колеги од работа. Обидете на нив да им ја објасните вашата професионалност и намера. Не е ништо страшно да се побара една таква асистенција.

Активно слушање: Кога разговараат со жртви на трауми, новинарите мора многу повеќе да слушаат. Активното слушање е една од најважните новинарски вештини кога се во прашање овие теми. Прашањата се важни, но со сочувствителното и внимателно слушање може да добиете одговор на прашањата што не сте ни помислиле да ги поставите.

Сподели контрола: Посветувањето поголемо внимание на жртвите, кога новинарите инјтервјуираат и прибираат информации поврзани со сериозни трауматични настани, е од клучна важност и во однос на контролата на текот на интервјуто. Во овие случаи, кога жртвите на трауми уште еднаш поминуваат низ трагичните настани, инсистирањето на контролата над замислениот начин како да се спроведе интервјуто, може да биде контрапродуктивно, па дури и без резултат. Трауматизираните луѓе може да се затворат, да се блокираат. Затоа е подобро да се „олабави“ таа контрола, да се сподели. Во такви систуации жртвите имаат една друга логика на евоцирање на сликите од настаните. Дозволете им да одат по тој пат, а активното слушање ќе ви помогне внимателно и во вистински момент, со избрани зборови, да го насочувате кон поентата на нивните приказни.

Бидете флексибилни: Можно е некој од жртвите или од сведоците на трауми да не се чувствуваат удобно со многу луѓе околу нив (сниматели, тонци, светло мајстори и други). Понекогаш дури и новинарскиот бележник може да биде пречка. Обидете се да им ја објасните неопходноста од овие технички средства, но не настојувајте. Овие приказни не се добиоваат секогаш „од прва“. Трпеливоста е неопходна. Многу резултати даваат прелиминарните средби, без микрофони, без бележници. Така се воспоставува меѓусебната доверба. Освен тоа, на тие средби се добиваат детали кои зборуваат многу, а никогаш нема да ги добиете на камера или на микрофон. Ќе добиете тишина, долги паузи, погледи, солзи, гнев… Тоа се скапоцените дијаманти во круната. Доколку немате одобрување тие детали нема да можете да ги опишете, но, секако, ќе го подготват новинарот да напише текст или да реализира ТВ или радио емисија со многу емоции.

Заштитете ги идентитетите: Не секогаш жртвите и сведоците на насилства и на други трауми се подготвени да зборуваат целосно откривајќи го својот идентитет. Тоа се ситуации кога се оправдани, па дури и пожелни, отстапките од правилата. Договорете ги прецизно условите според кои ќе се изложи идентитетот. Дури и на останатите личности кои се споменуваат во сведоштвата на жртвите и сведоците. Задолжително проверете ги сите споменати личности. Нивниот точен идентитет, нивниот степен на инволвираност и околностите.

После поплавите- Село Венга, Соломонски острови, 2013. Фото: Department od Foreign Affairs and Trade, Австралија

После поплавите- Село Венга, Соломонски острови, 2013. Фото: Department of Foreign Affairs and Trade, Австралија

Дозволете тие да го одберат местото и времето: Кога и каде ќе се одржат средбите на кои ќе се разговара „оф рекорд“ или ќе се снимаат интервјуата е многу важно. Некои луѓе ќе се чувствуваат најдобро во своите домови. Други можат да ве доживеат како натрапници. Дадете им шанса тие самите да го изберат местото и времето. Можете да сугерирате, но не настојувајте. Местата на трагичните настани се атрактивни локации, но за жртвите можат да бидат дополнителна траума. Најважно е да ја стекнете довербата. Обезбедете доволно време. Никако не настапувајте со еден и единствен термин. Ова се посебни ситуации кога и вашите уредници и продуценти мора да покажат поголемо разбирање и флексибилност. Идеално е да можете да се сретнете повеќе пати, на различни места. Па дури и во ресторан или во кафуле. Тоа се околности кога е можно луѓето да се опуштат и да ги совладаат емотивните пречки кои ги блокираат и кои оневозможуваат автентични сведоштва.

Бидете подготвени за нешто повеќе: За време на подготвителните средби и за време на интервјуата, можно е жртвите и сведоците да користат фотографии, документи и некои други предмети за кои се врзуваат нивните сведоштва. Некои од тие предмети можат да имаат силно реално или симболично значење. Разговарајте за тоа дали можете да ги фотографирате со нив или одделно, дали може да ги земете за да ги скенирате. Секако, бидете внимателни што барате од нив, дали се подготвени да го направат тоа. Тоа што ќе го договорите во врска со тие предмети, испочитувајте го.

Очекувајте придружници за поддршка: Честопати луѓето изложени на насилства и други слични ситуации, не се чувствуваат доволно храбри и слободни сами да дојдат на закажаните средби или интервјуа. Доаѓаат со некој близок роднина или пријалтел. Некој во кого имаат доверба. Прифатете го тоа. Придружниците понекогаш можат да бидат пречка, да ви се мешаат во работата, да ви кажуваат што да прашате, а што не. Има и обратни ситуации. Понекогаш придружниците можат да ви бидат подршка вам, на новинарите. Тие ќе им сугерираат и ќе ги охрабрат жртвите во моменти на блокада, во моменти на колебање. Важно е да се соочите со тие ситуации. Да прифатите дека има и трета страна за време на интервјуто. Направете ја таа трета страна сојузник.

Некои новинарски стории се вредни за да се почека за нив: Времемто ги лечи ранети. Тоа не е без суштина. Додека се свежи емотивните, па дури и физичките рани, приказните или не се раскажуваат, или, кога се раскажуваат, добиваат неконтролирани насоки заради болните емоции и заради можниот гнев кој во такви услови може да биде насочен кон погрешни цели. Многу често е далеку поконструктивно да се почека, да се остави на времето да ги смири траумите, тагата, емоциите и гневот. Тогаш сведоштвата добиваат еден смирен и конструктивен тон. Новинарското раскажување на траумите со помош на жртвите или сведоците нема за цел да предизвикка нови трауми или да ги повтори старите. Од таквите сведоштва треба да се добијат јасни, недвосмислени приказни за околностите, за фактите, за учесниците, за жртвите и за предизвикувачите на трагичните настани. Доколку новинарската обработка на тие сведоштва добие дополнителна, литертурна димензија, толку повеќе е остварен повисок степен на новинарство.

 

 

Новинарите и жртвите – врски

Како што веќе рековме, понекогаш новинарското истражување поврзано со траумите трае подолго време. Во текот на тој период меѓу новинарите и жртвите се воспоставуваат односи за кои треба да се биде внимателен. Врските што се развиваат во тој период не би требало да ја надминат мерката и кај жртвите да предизвикаат премногу очекувања, а кај новинарите емоции кои можат да влијаат на објективноста во известувањето.

Јавно стрелање на три лица осудени на смрт за убиство и силување на плоштад во Сајгон, Јужен Виетнам, 1965. Фото: tommy japan

Јавно стрелање на три лица осудени на смрт за убиство и силување на плоштад во Сајгон, Јужен Виетнам, 1965. Фото: tommy japan

Но, како и сите луѓе и новинарите се од „крв и месо“. Кога тие ги наведуваат нивните соговорници да зборуваат и за самите нив, а не само за трауматичните настани, сосема логично е тој тип на комуникација да предизвика љубопитство и кај жртвите во врска со личноста на новинарот. Кој е тој човек? Зошто толку го интересира нашата приказна? Дали е тоа само професионална љубопитност?

Жртвите сакаат да препознаат дека пред нив, освен човек со новинарска професионална прес легитимација, стои личност кој знае да сочувствува и да разбере. Многу често тоа меѓучовечко поврзување на новинарот професионалец и жртвата на траума, е пресвртна точка од која се распетлува прииказната на жртвата со добронамерноста на новинарот.

Сакале или, овие разговори имаат една терапевтска  димензија – ослободување од стресот. Жртвите во такви моменти чувствуваат и благодарност кон оние што им овозможуваат да се ослободат или да си го олеснат стресот.

Постои реална опасност долгото и конинуирано професионално известување за трауматични настани (криминал со смртни последици, војни, природни катастрофи, разни форми на насилство, тероризам…), да предизвика психолошки трауми и кај новинарите. За жал, кај нас редакциите немаат предвидено редовни стручни советувања со новинарите кои се почесто изложени на вакви настани. Наместо тоа, тие од еден таков настан веднаш се испраќаат на друг. Тоа, подолгорочно, може да прилично ризично за здравјето на новинарите.

Во таа смисла, превентивно најмногу треба да внимаваат уредниците и одвреме навреме да ги менуваат новинарите што известуваат за вакви настани. Самите новинари, пак, не треба да се воздржуваат да побараат стручна помош доколку почувствуваат дека траумите што го покривале новинарски ги вознемируваат, иако се одамна завршени.

 

Известувањето за трауматични настани и заедницата

1. Треба да се има јасна претстава дека новинарското известување за трауматичните настани има влијание врз медиумската публика. Новинарите треба да запомнат дека реакцијата на заедницата може да влијае на нивното известување. Но, тоа не значи дека реакцијата на заедницата е најсоодветна. Некои трауматични настани се многу сложени и првата реакција на заедницата на нив не мора да е најточна.

Остатоци од првиот изграден американски воен брод УСС Мејн, комплетно уништен од експлозија во пристаништето Хавана, Куба, 1912. Оваа експлозија, во која загинаа 260 од вкупно 355 членови на екипажот, беше причина за 10-неделната американско-шпанска војна во која Шпанија ги изгуби Куба, Порторико, Филипините и Гуам. Фото: U.S. Army Corps of Engineers, 1914

Остатоци од првиот изграден американски воен брод УСС Мејн, комплетно уништен од експлозија во пристаништето Хавана, Куба, 1912. Оваа експлозија, во која загинаа 260 од вкупно 355 членови на екипажот, беше причина за 10-неделната американско-шпанска војна во која Шпанија ги изгуби Куба, Порторико, Филипините и Гуам. Фото: U.S. Army Corps of Engineers, 1914

2. Изберете ги најсоодветните новинарски форми за известување. Праксата покажува дека на почетокот неутрални и со дистанца напишани фактографски информации, се најсоодветни. Извори на информации нека бидат само оние кои се овластени. Потоа, откако ќе помине првиот бран на одбрамбени емотивни реакции, нека следуваат анализите, портретите, in memoriam сториите. Треба да се внимава со експертите. Да не го насочат вниманието кон погрешни поенти.

3. Помогнете го прцесот на рехабилитација на заедницата. Медиумите како професионални компании можат многу да помогнат во оваа фаза.

4. Секогаш поставувајте си ги овие прашања: Што треба да публиката да знае и во кој момент? Кога известувањето за овие настани ја преминува мерката? Дали тоа што медиумот премногу форсира со стории за трауматичните настани е соодветно на интересот на публиката?

Никој не ги посакува ниту, пак, може да ги предвиди трауматичните настани. Заедницата и луѓето ќе ги преживеат и надминат. Новинарското известување мора да го има и тоа предвид и така да известува за тие настани како и за посттрауматичните процеси. Само така оваа професија добива смисла кога станува збор за медиумско покривање на овие настани.

***

Добар извор на препораки за известување за трауми:

The Dart Center for Journalism and Trauma

www.dartcenter.org


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска