Комитетот на министрите на Советот на Европа донесе Резолуција со која се затвора надзорот на 16 предмети поднесени во Европскиот суд за човекови права против Република Македонија, поради тоа што Македонија ги исполнила обврските кон тужителите, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Македонија е добар пример на земја која ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човекови права. Непосредно пред летните одмори Комитетот на министрите на Советот на Европа. задолжен за следењето на извршувањето на пресудите, донесе Резолуција со која се затворени 16 предмети поднесени против Македонија.
Станува збор за предметите: Алиевски и другите (53199/08), Антониевска и другите (41050/06), Блажевски и тројца други жалители (49966/08+), Христовски и осум други жалители (46270/08+), Котеска и други (11795/06), Лутифиу и пет други жалители (7163/06+), Матица на Иселеници и Осум други жалители (11775/06), Нешиќ (2454/08), Павловиќ Латас и други и осум други жалители (5367/06), Петковска (14985/08), Петковски (43348), Ристевски и други (48556/08), Ангела Ристевска и Горан Ристевски (54344/07), Ристов и Адеми (43287/08+), Тасевска и други (3758/07), Жугиќ и 10 други жалители (3921/07).
Резолуцијата за затворање на следењето на овие случаи врз основа на известувањето од Судот дека Владата на Република Македонија и поднесувачите на тужбите постигнале пријателски спогодби и дека спогодбите се извршени од Владата, во согласност со одредбите на Конвенцијата и нејзините протоколи.
Оваа информација ни беше потврдена и од Петар Поп Арсов – амбасадорот на Република Македонија во Постојаната мисија на Република Македонија при Советот на Европа. Имено Постојаната мисија на Република Македонија е таа која најчесто на состаноците на Комитетот за следење на пресудите е таа која ги застапува македонските позиции како во случаите во кои има пресуди против Македонија, но и во другите предмети каде постои интерес на државата.
Извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права од земјите членки на Советот на Европа е клучен елемент од системот за почитувањето на Европската конвенција за човекови права.