Во Охрид денеска ќе почне работниот дел од конференцијата на Советот на министри за култура на ЈИЕ (КОМОКОСЕЕ) – „Јакнење на културата во функција на развојот“.
На форумот, кој е во организација на Министерството за култура на Република Македонија во својство претседавач со Советот на министри за култура на Југоисточна Европа, воведни обраќања ќе имаат генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Организаторите најавуваат присуство на министрите за култура на Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Молдавија, Србија и Црна Гора, заменик-министерот за култура од Бугарија, голем број експерти, претставници на УНЕСКО, како и претставници на Секретаријатот на Регионалниот совет за соработка.
Како што наведуваат од Министерството за култура, овој значаен настан претставува прва регионална министерска средба, која што го потврдува спојувањето на платформата на КОМОКОСЕЕ со платформата за регионална соработка на УНЕСКО во областа на културното наследство.
Спојувањето на двете платформи ќе придонесе за подобрување на менаџментот во областа на културата и на културното наследство; заеднички пристап за зголемување на продуктивноста во трошењето на расположивите фондови; промовирање на креативноста и диверзитетот на културните изрази како средства за одржлив развој; натамошен развој на образованието од областа на културата и уметноста, развој на креативните индустрии, а особено дизајнот, филмот и аудиовизуелните уметности, како и натамошно зајакнување на прекуграничните активности меѓу државите во регионот.
Исто така, на конференцијата ќе стане збор и за натамошното развивање на институционалните и професионалните капацитети во регионалните центри, како и за отворањето нови центри во приоритетните области од заеднички интерес.
– Во рамките на конференцијата ќе биде постигнат заеднички договор за поставување на „КОМОКОСЕЕ – јакнење на културата во функција на развојот“ како најзначајна изворна иницијатива за регионална соработка, информира Министерството за култура.