Виетнам денеска соопшти дека започна со исплатата на оштети на околу 140 компании, вклучувајќи и десетина кинески, кои во мај годинава беа оштетени за време на големите антикинески протести Неделава ќе бидат исплатени околу 7 милиони долари, што е 15 посто од побарувањата на компаниите што настрадаа во нередите.
Виетнамската влада како компензација на странците им понуди повеќе повластици и даночни олеснувања. Во меѓувреме, полицијата уапси над 1.000 учесници во големите антикинески насилни протести, а двајца осомничени организатори веќе добија судски пресуди за затвор.
Протестите, во кои загинаа најмалку двајца, а беа повредени стотина странци, избувнаа кога во Виетнам на крајот на април годинава се објави веста дека Кина поставува нафтена платформа во водите на Јужното Кинеско Море, кое Виетнам го смета за своја територија.
Иако мета на демонстрантите беа кинески компании што работат во Виетнам, најголеми штети претрпеа компаниите чија изградба ја финансирале Тајван и Сингапур, а кои носат кинески имиња. По нередите Кина евакуираше околу 2.000 свои работници.