Напаѓачот на Уругвај Луис Суарез се соочува со суспензија од Мундијалот во Бразил, откако ФИФА најави истрага за инцидентот со дефанзивецот на Италија Џорџо Кјелини.
Снимките на фото-репортерите присутни на средбата Уругвај – Италија јасно покажуваат траги од забите на Суарез кој во еден дуел со Кјелини го гризна по рамото.
Италијанецот повреденото место му го покажуваше на судијата, но Суарез остана неказнет. Инцидентот се случи во шеснаесетникот на Италија, а најблиску до местото на кое се случи инцидентот беше еден од судиите помошници, но и тој не реагираше.
На Суарез ова му е трет ваков испад, по двата во Премиер лигата. ФИФА има право да изрече санкција по прегледување на видео материјалите и снимките од фото-репортерите и во случај да констатира вина кај Уругваецот, со сигурност ќе му изрече драконска казна поради повторување на делото. Се шпекулира со суспензија од две години од фудбалските терени.
– Однесувањето на Суарез е за општа осуда. Тој е одличен фудбалер, но со своите постапки си предизвикува незамислива штета. ФИФА мора да реагира, сериозно да го разгледа случајот и да ги преземе неопходните дисциплински мерки, изјави Џим Бојс, потпретседателот на ФИФА кој веќе ја видел видео снимката за инцидентот.