Медиумите, eвроскептицизмот и Република Македонија

Од:

Сите медиуми се едногласни во оценката дека по овие избори Европа нема да биде како досега. Последиците ќе ги почувствуваат земјите претенденти за членки во ЕУ, меѓу кои и Република Македонија, но и самите членки на Унијата. А, по сѐ изгледа дека и САД нема да бидат без последици од аспект на соработката во однос на Русија.

 

Пишува: Доц. д-р Светлана Вељановска, доктор по меѓународно право

 

Резултатите од изборите за Европскиот парламент ги обединија македонските медиуми во известувањата за нивниот ефект и последици за Европа и нејзината понатамошна иднина, но пред сѐ, за последиците што ќе ги почувствува Република Македонија.

Па, така, на страната на Радио Слободна Европа ќе прочитате Европските лидери бараат преиспитување на политиките на Унијата, во Вечер Подемот на еврофобите во ЕП е лоша вест за Европа, но и за Македонија, во Дневник ЕУ треба да се издигне од пепелта по евроскептичниот земјотрес, во Вест Самит за спас на ЕУ по победата на екстремната десница на европските избори, на Пресс24 Фашистичките партии во сојуз со ЕУ, а на А1он Националниот фронт подготвен за сојуз со грчката Златна зора.

Сите овие медиуми се едногласни во оценката дека по овие избори Европа нема да биде како досега. Последиците ќе ги почувствуваат земјите претенденти за членки во ЕУ, меѓу кои и Република Македонија, но и самите членки на Унијата. А, по сѐ изгледа дека и САД нема да бидат без последици од аспект на соработката во однос на Русија.

 

Проблематичните точки на ЕУ-изборите за Република Македонија кои ги видоа медиумите

 

Пораката која европските гласачи ја испратија кон своите лидери, а во која се препознаваат проблеми за македонскиот пат кон Европската унија, ја лоцираа повеќето медиуми. Тоа е победата на евроскептичните популистички групи и анти-европските струи во некои од земјите членки, при што најголема е загриженоста во Франција, Велика Британија и Данска. Во Дневник може да се прочита дека: „Французите имаат слух за слаткоречивоста на Ле Пен која зборува за истапување од еврото и од НАТО, крај на шенгенските граници и за прекин на договорот за слободна трговија со САД. Во Британија конзервативците и лабуристите првпат не се на врвот, туку Нејџел Фараж, лидерот на, како што самиот вели,  „бунтовничката“ УKИП кој освои 29 отсто од гласовите.

Вечер информира: „Големиот пораст на европратениците со екстремни и полуфашистички политички определби е лош знак за Македонија. Пред сѐ, поради тоа што  проширувањето на Унијата ќе биде сѐ потешко и потешко, бидејќи и другите политички сили во Унијата не се многу расположени за прием на нови членки“. Во истиот текст може да се прочита и дека: ,,Досега проширувањето не беше приоритет, но сепак, беше дел од агендата на европските институции. Но проширувањето за овие десни радикали или за евроскептиците не само што нема да биде тема, туку ќе биде антитема. Тие таа тема ќе ја дисквалификуваат, ќе ја полнат со стереотипи дека дојденците создаваат проблеми, носат криминал, корупција, невработеност, нерешени прашања, баратели на социјална помош, имигранти…

Во Нова Македонија пак стои дека: „за земјите на патот кон ЕУ,  како Македонија, ова ќе значи дека напредокот кон нивното полноправно членство ќе станува сѐ потежок.

Точно е дека сите овие податоци се веродостојни и добиени од страна на легитимни извори. Сепак, ако се анализираат посочените аспекти и проблематични точки за Македонија по изборите во ЕУ Парламентот, добро е да се разгледаат и следниве состојби:

  1. Од каде доаѓа зголемениот недостиг на доверба на граѓаните  на ЕУ кон владејачките елити?
  2. Колкава е издржливоста на европските институции во ваквите моменти на  недоверба на нејзините граѓани?
  3. Дали вербата во европските вредности ќе ги надмине пројавените проблеми кои се резултат на економските состојби во изминатите години?
  4. Во која насока ќе се движат понатамошните европски политики и какви ќе бидат интересите за проширувањето, посебно за Балканот и Република Македонија?

 

Колкави се можностите екстремната десница да завладее со ЕУ Парламентот

 

Антиевропските струи, за разлика од претходните изборни процеси во ЕУ, остварија значителен напредок. Сепак, обидите на некои медиуми да ги прикажат дека имаат поголема вредност од вистински освоената во вид на пратенички места полека се враќаат во реалноста.

,,Екстремно десничарските партии најверојатно нема да можат да формираат заеднички блок, бидејќи освен ксенофобија и нетрпеливост кон ЕУ немаат ништо друго заедничко“ – пишува А1 он, а истата изјава на европски аналитичари ја пренесува и Пресс24. По првичните најави дека речиси е извесно коалицирањето на екстремно десничарската партија Национален фронт од Франција со проблематичните за нас европратеници од грчката Златна Зора и унгарскиот Јобикво новиот состав на Европскот Парламент доаѓаат спротивни најави. Нет пресс

Во ВестРадио Слободна ЕвропаМИА се информира за опциите кои ги има Европа да продолжи да чекори напред кон излез од економската криза, економски раст, работни места и конкурентност, прашања кои според повеќето лидери на земјите членки на ЕУ се проблематичните точки на кои профитирале евроскептиците.

Конечните резултати говорат дека распоредот на силите во никој случај нема да биде толку проблематичен освен во редовите на Европските конзервативни народни партии кои добија шеесетина места помалку и кај либерал-демократите со дваесетина места помалку од претходниот парламентарен состав. Се разбира, не смеат да се занемарат потенцијалните коалиции кои можат да внесат извесни прегрупирања на силите во ЕУ Парламентот, но, сепак, загриженоста од појавата на национализам кај европските граѓани е она што повеќе треба да ги загрижува нивните влади.

Нашите медиуми во наредниот период би требало да следат и да нѐ известуваат во која насока ќе се одвиваат неколку состојби:

  1. Кој ќе биде избран за претседател на Европската комисија?
  2. Кои коалиции ќе се оформат во новиот Европски парламент?
  3. Што ќе се наметне како приоритетно прашање за новиот состав на ЕУ Парламентот?
  4. Дали сериозно ќе се сфати пораката на гласачите за досегашните политики на Унијата и во која насока ќе се движат новите европски стратегии за развој?

Една четвртина евроскептици во новиот парламентарен состав на ЕУ не е нешто што треба да се занемари и во таа насока треба да се движат интересите на нашите медиуми во наредниот период. Дали и на кој начин Европската унија ќе ги надмине пројавените форми на вака изразеното мислење на нејзините граѓани? Последиците почнуваат да се чувствуваат во договорањето за лидерите на главните евроинституции: Европската комисијата, Европскиот парламент и надворешната политика на ЕУ. Идејата е да се постигне согласност за овие кандидатури пред самитот на ЕУ, кој ќе биде одржан од 26 до 27 јуни. Добро е од нашите медиуми да добиеме приказ на сегашните состојби во ЕУ и распоредот на силите токму во насока на овие посочени прашања.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска