Белешки за популизмот: Груевски е очаен говорник, омилен кај гласачите

Од:

Со анализата на реториката во настапот на Груевски лесно се препознаe карактеристичниот едноставен, разбирлив за пошироките маси и директен популистички говор, најчесто изговорен во просто-проширени реченици.

 

Пишува: Сашо ОРДАНОСКИ

 

Ернесто Лаклау вели дека „далеку од тоа да е паразит на идеологијата, реториката  всушност би била анатомија на идеолошкиот свет“ на политичарот. Ако, во таков контекст, може да се генерализира, тогаш би се рекло дека левите („либерални“) популисти се повеќе загрижени поради димензиите и моќта на бизнис-корпорациите во општеството – па нивните лидери изобилуваат со помалку или повеќе радикални тиради за улогата на парите и за заговорот на крупниот капитал во корпоративната демократија; додека десните („конзервативни“) популисти се преокупирани со големината и омнипотентноста на државата, односно оние што ја практикуваат извршната власт – па нивните лидери се неуморни критичари на отуѓената моќ на центрите на власта, на политичката класа како таква и на понудата тие да го застапуваат „обичниот човек“ во судирот со бирократизираната и обезличена држава. Маргарет Кеновен, пак, потсетува дека популистичкиот политички стил е од исклучителна важност за популистичките политичари – едноставниот, директен манир на однесување, со „способност да комуницираат во таблоиден стил“. Нема „компромиси [договорени] во сенка“, нема комплексни анализи и компликувани процедури. Кеновен вели дека тој стил произведува и специфична популистичка атмосфера, одредено расположение (mood) кое прераснува во движење, исполнето со привлечен ентузијазам, а кога на тоа ќе се додаде доволно количество емоција, следбениците се сосема подготвени лидерот да ги поведе во спасоносни и големи дела!

 

ГОВОРОТ – АНАТОМИЈА НА СВЕТОТ ВО КОЈШТО ЖИВЕЕ ЕДЕН ПОЛИТИЧАР

 

И говорот на Никола Груевски е анатомија на светот во којшто тој живее како политичар. Со анализата на реториката во настапот на Груевски лесно се препознава карактеристичниот едноставен, разбирлив за пошироките маси и директен популистички говор, најчесто изговорен во просто-проширени реченици. Покомплексните теми се сведуваат на едноставни спротивности, неретко и на можност за „црно-бел“ избор. Во неговите јавни настапи превладува апелот на емоциите, а не на разумот или критичкото мислење на публиката. Тоа може да ја објасни причината заради која во настапите на Груевски нема траги од духовитост (иако понекогаш, жално, се труди!), туку превладува мелодраматичен, здодевен тон, својствен за лидери кои се „соочени“ со „епски“ предизвици што бараат следбеници подготвени на жртва за остварување на повисоките цели. Говорејќи на овие теми, тој не го бара когнитивното внимание на публиката, туку апелира на манипулативната сфера во човековото поимање на стварноста, каде чувствата превладуваат над разумот, а политиката функционира во категоријалните сфери на „моралот“, „чесноста“, „храброста“, „посветеноста“, „надежта“, итн. Бидејќи Груевски државата ја разбира како голем, управлив социјален механизам за пропагирање на специфични вредности коишто треба да влијаат за „менување на свеста“ на народот во сите сфери на неговиот живот (како верска институција која е задолжена за ширење на одреденадогма), тој и во своите говори често се изразува како проповедник, чија должност е далеку поголема, поважна, односно пресудна за опстанокот на нацијата, а не како некој обичен, демократски избран политичар кому раководењето со државата во смисла на спроведување на одредени „секојдневни“ политики му е доверено до следните демократски избори.

Јавните настапи на Груевски се високо контролирани настани, со однапред елиминирани можности за какви било непредвидени случувања: до него немаат пристап, а особено можност за официјален разговор, новинари кои би поставиле критички прашања за неговиот начин на владеење или резултатите од тоа; од своето доаѓање на власт, Груевски, практично, не е излезен на јавен дуел со своите политички противници (со исклучок на повремените, релативно ретки сесии на Собранието резервирани за пратенички прашања, кога Груевски демонстрира јасна резигнација од неопходноста да одговара на прашањата на опозицијата). Дури и публиките пред кои говори се грижливо селектирани и набиени со доволен број партиски активисти подготвени на ракоплескање и одобрување на неговите ставови. Во грижливо разработената стратегија за јавните настапи на премиерот тој е задолжен за соопштување исклучиво на добри вести од сите ресори на Владата – должноста пред јавноста да реферираат за проблемите ја имаат министрите или други високи претставници на државните институции и органи. Доколку, сепак, јавно е запрашан за некој проблем, Груевски најчесто го избегнува одговорот и упатува подробностите да се побараат кај другите надлежни во државата. Во таквата стратегија, ликот и јавното појавување на премиерот мораат да бидат поврзани со стимулирање на позитивни емоции во јавноста, како кон некој кој прави и донесува само добро.

 

БЕГАЊЕ ОД ДУЕЛИ – И ОПРАВДУВАЊАТА ЗА ТОА

 

Ваквиот однос кон јавноста се оправдува со пропагандистичкиот став дека „делата се поважни од зборовите“, но зад тоа веројатно се крие добрата процена на советниците на Груевски дека тој во ситуации на редовни јавни дуели повеќе би ја влошил, одошто би ја подобрил сликата за себе. Лидерскиот стил на Груевски се гради како нешто недостижно за другите политички конкуренти кои – за разлика од Груевски – се симбол на денгубење и мрзеливост, политиканство и заговорништво. Тие ја претставуваат „старата“ политичка елита којашто треба да се презира и да се отфрли.

Впрочем, еве го ставот на самиот Груевски за повикот да се соочи на ТВ дуел со политичките опоненти:

„Што ќе донесе тој дуел, кој кого помангупски ќе навреди, или кој ќе даде понереално ветување? Не, тоа едноставно не е мој стил. Бранко и Радмила нека одат на дуели со Љубе и Љубчо, тоа им е гаранција за успешна емисија, тоа се тие стилови.“ (интервју за Дневник на 03.06.2011 г.)

Пред извесно време не ме мрзеше, па земав да направам квантитативна анализа на говорите и интервјуата на Груевски во последните 7-8 години. Во таа анализа земав предвид 11 говори, дадени во периодот 2007-2012 г., главно во прилики со висока државна или партиска симболика; и 23 интервјуа, дадени во периодот 2006-2013 г. Спојувајќи ги сите овие интервјуа и говори во еден континуиран текст, направив „максимална листа“ на зборови, на која потоа ја применив едноставната, компјутерски асистирана статистичка операција на „броење зборови“. Добиените резултати ја даваат следната ранг-листа на десетте најчесто спомнувани именки и глаголи во големиот корпус на анализирани говори и интервјуа на Груевски:

zboroviGruevski

ЦРВЕНКОВСКИ – ЕДИНСТВЕНО ЛИЧНО ИМЕ ВО ГОВОРИТЕ НА ГРУЕВСКИ

 

Покрај овие десет, на листата по нив на најчесто спомнувани зборови во говорите и интервјуата на Груевски се јавуваат: криминалнапредокразвојизборипреговори,милиони… Од глаголите зборот работа/работиме е убедливо најупотребуван, а кога е во прашање зборот СДСМ (што се наоѓа на десеттото место на најфреквентно употребувани зборови), треба да се додаде дека висока изброеност го има и зборотопозиција (69), а името Црвенковски се повторува 40 пати и е, практично, единственото лично име чиешто повторување има статистичка сигнификантност во говорите и интервјуата на Груевски до 2013 г. Исто така, треба да се посочи и на тоа дека Груевски зборовите народ и граѓани често ги користи како синоними, што значително ја зголемува нивната зачестеност и значењето во тематските интереси на лидерот. И зборот луѓе, кој е на петто место на оваа ранг-листа на фреквентност, е значенски истоветен или близок во речникот на Груевски кон зборовите граѓани и народ.

Кога ваквата едноставна квантитативна анализа ќе ја вкрстиме со квалитативната анализа на настапите на Груевски, тогаш резултатот на уверлив начин ги покажува говорничките и политичките преокупации на премиерот Груевски: државата/земјата Македонија; народ/луѓе/граѓани; работа и реформи; наспроти СДСМ и Црвенковски. Со тоа, списокот е исцрпен.

Со други зборови, Груевски е здодевен, површен и неинвентивен говорник, омилен кај поголемиот дел етнички македонски гласачи кои излегуваат на избори. Целта е остварена.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска