Членот на светски познатата словенечка уметничка група ИРВИН (IRWIN), Роман Уранјек, кој има своја самостојна изложба во Мала станица, жали што Скопје заличува на Дизниленд.
– Бев апсолутно изненаден, според мене се работи за некој вид на Дизниленд. Многу ми е жал што вашите власти не соработувале со уметници како што е, на пример, Џеф Кунс, затоа што на тој начин би се направиле нешто што можеби би имало повеќе уметнички референци отколку вака како што е. Сега, некако недостасува тој момент на уметност – повеќе е присутен елементот на кич, вели Уранјек
Инаку, деновиве, тој при посета на Музејот на македонска борба, откри дека познатиот плакат што групата ИРВИН го изработи 1987 година „Дан младости“, без авторски права и без одобрение на авторите е искористен како позадина на ѕидот од Музејот.
Тој рече дека преку својот адвокат, групата ИРВИН, ќе реагира што Музејот на македонска борба без одобрение употребил нивно дело.
Групата ИРВИН имаше своја изложба во Мала станица во Скопје, 2007 година, кога помеѓу другите дела, изложија и восочна фигура на починатиот Казимир Малевич.
Александра Бубевска