Граѓаните со најмногу претставки за судството и потрошувачките права

Од:

Проблемите во судството и потрошувачките права се најзастапени по бројот на поднесени претставки до Народниот правобранител. Поголем дел од претставките се однесуваат и на имотно-правните односи, затворите, работните односи, пензиско и инвалидско осигурување, социјална сигурност и заштита, полициски постапувања…

Народниот правобранител Иџет Мемети денеска на прес-конференција го презентира Извештајот за степенот на обезбедување, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2013 година.

– Во 2013 година постапувавме по 4.599 претставки од кои во извештајната година беа примени 3.780 од 4.041 лица. Претставки поднесуваа сите граѓани, без оглед на нивната етничка припадност, во Скопје и во шесте регионални канцеларии, истакна Мемети кој додаде дека Извештајот денеска е доставен до Собранието на Република Македонија.

Тој потенцира дека констатирале тортура во затворот „Идризово“, пренатрупаност во другите затвори, лоши сместувачки услови, отсуство на хигиена, неквалитетна исхрана и несоодветен здравствен систем. Констатирале и ограничување на правото на слобода на движење, особено кај припадниците на ромската заедница на граничните премини на Македонија.

– Констатиравме систем на заштита во управното право кој не обезбедува ефективна заштита, како и исклучително лошо административно работење на управата и управното судство, со исклучителна лоша комуникација. Нееднаков третман од градоначалниците спрема вработените и поради политичка припадност, рече Мемети.

Загрижуваат, како што нагласи, појавите на изгубени предмети во Агенцијата за катастар, блокирани сметки на граѓаните, спротивно на Законот за извршување, насилството врз децата во семејството, во училиштето, а имаше и појави на насилство меѓу децата од различни етнички заедници во и надвор од училиштето.

– Установите за заштита на децата не функционираат, односно штитениците им бегаат, а тие не реагираат. Паричните средства од социјалната заштита не се исплаќаат редовно, додаде народниот правобранител.

Мемети информира дека констатирале и повреда на правата од работен однос, како и пријави на мобинг.

– Граѓаните на Република Македонија кои добија решенија за денационализација на нивните имоти, се уште не можат имотите да ги поседуваат. Продолжува двојното задолжување со радиодифузна такса, како и лошата комуникација меѓу Управата и Македонската радиотелевизија. Граѓаните иако не користат топлинска енергија, принудени се да плаќаат фиксен дел. Има отсуство на еколошка свест за заштита на животната средина од надлежните, рече Мемети.

Според него, органи кои ја попречуваат работата на Народниот правобранител се министерствата за здравство, за финансии, за внатрешни работи, поточно секторот за странци, како и дел од единиците на локална самоуправа.

Во 2013 година најмногу претставки поднеле Македонците, а потоа Албанците, Ромите, Турците…

Би можело да ве интересира

20 претставки за загадениот воздух стигнале кај Народниот правобранител

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира на назначувањата во Академијата за судии и јавни обвинители

Охрѓианец избран за јавен правобранител, продолжил да си работи и како адвокат

Катерина Ѓуровски

Панова: Успешно ли е кога довербата во правосудството е минорни два отсто?

Левица: Одговорност за бегството на Рамадани Владата да бара во сопствените редови

Хисени: Признавањето вина од Мемети и од Георгиев – горчлив доказ за понатамошното намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем