Недостигаат лекари, доцнат прегледи, нема доволно терапија во македонските затвори

Од:

Недостигот и нерамномерната распределба на здравствениот кадар, одложениот пристап до специјалистички прегледи, прекините во терапијата, слабата превенција и недоволната координација се меѓу клучните проблеми во обезбедувањето здравствена заштита во казнено-поправните установи во државата – покажува истражувањето на Народниот правобранител спроведено во 11 казнено-поправни установи.

Според заменик-народниот правобранител Соња Трифуновска, иако системот е формално поврзан со јавниот здравствен систем, пристапот до здравствена заштита не е еднаков, ниту доследен во сите установи, поради што остварувањето на ова право во практика често зависи од конкретната установа и од дополнителна интервенција на Народниот правобранител.

На тематската дебата за степенот на обезбедувањето здравствена заштита во казнено-поправните установи, организирана од Канцеларијата на народниот правобранител со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Трифуновска ги презентира наодите од истражувањето, според кои во седум од 11 установи е утврдена пренатрупаност, во седум има постојан здравствен персонал, а во четири здравствената грижа се обезбедува периодично или по повик. Истовремено, ниедна од посетените установи нема 24-часовно дежурство на здравствен персонал.

Таа посочи дека кадровскиот дефицит останува еден од најсериозните предизвици.

– Само присуството на лекар или амбуланта не гарантира достапност. Во некои од установите персоналот доаѓа повремено, а постојат непополнети работни места. Во „Идризово“, според извештајот, еден лекар опслужува приближно 691 лице, а една сестра или техничар речиси 461 лице – рече Трифуновска дополнувајќи дека, според стандардите, еден лекар треба да опслужува приближно 300 лица.

Како дополнителни проблеми таа ги наведе недостигот на возила и персонал за спровод до здравствени установи, доцнењето резултати и дијагностика, како и начинот на дистрибуција на терапијата.

– Во повеќе установи терапијата ја делат затворски службени лица, а во некои случаи набавката зависи од семејството. Тоа создава ризик од прекин, грешки во дозирањето и повреда на медицинската доверливост – истакна Трифуновска.

Осврнувајќи се на превентивната здравствена заштита, таа нагласи дека скринингот за заразни болести, вакцинацијата и следењето на хроничните заболувања не се одвиваат еднакво во сите установи, а психијатриската и психолошката поддршка, како и превенцијата од самоубиства, бараат посистемски и мултидисциплинарен пристап.

Народниот правобранител Фатон Сељами истакна дека здравствената заштита е едно од клучните права на лицата лишени од слобода и дека констатирањето на проблемите мора да биде проследено со конкретни решенија.

– Сите чинители надлежни за заштита, обезбедување и спроведување на ова човеково право, покрај констатираните состојби, треба да понудат соодветни и остварливи решенија за нивно подобрување, кои понатаму треба да се реализираат во практика – рече Сељами.

Тој посочи дека проблемите во затворскиот систем се комплексни и покрај задравствената заштита, опфаќаат многу сегменти, како што се условите за сместување, хигиената, исхраната, ресоцијализација и образовниот процес.

– Без разлика дали станува збор за примарна, секундарна или терцијарна здравствена заштита, или, пак, за обезбедување стоматолошки услуги. Тоа што некој има статус на притворено или осудено лице не значи дека не може да ги ужива правата што им припаѓаат на сите други граѓани. Напротив, државата е таа што, покрај тоа што треба да им ги гарантира сите други права, мора навремено да им обезбеди и квалитетна здравствена заштита – посочи Сељами.

На дебатата се обрати и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, кој нагласи дека пристапот до здравствена заштита претставува основно човеково право и предуслов за зачувување на човековото достоинство, без оглед на околностите во кои се наоѓа лицето.

– Почитувањето на ова право бара јасна институционална заложба и ефикасна соработка меѓу органите и професионалците одговорни за обезбедување на здравствената заштита – истакна Вал.

Тој посочи пет приоритетни области за унапредување на здравствената заштита во казнено-поправните установи: обезбедување доволен здравствен кадар и подготвеност за итни состојби, подобрување на пристапот до специјализирана здравствена заштита, сигурна и континуирана достапност на препишаните лекови, зајакнување на превентивната здравствена заштита и грижата за менталното здравје, како и обезбедување континуитет на медицинската грижа преку подобра институционална координација и управување со здравствената евиденција.

– Сите овие области се тесно меѓусебно поврзани и нивното унапредување бара континуиран ангажман на Министерството за здравство, Управата за извршување на санкциите, казнено-поправните установи, јавните здравствени институции и Фондот за здравствено осигурување – нагласи Вал.

Одговарајќи на новинарски прашања, Трифуновска оцени дека е потребно системско решавање на утврдените недостатоци за да се обезбеди еднаков пристап до здравствените услуги во сите казнено-поправни установи.

– Во моментот немаме еднаков пристап насекаде. Не е ист пристапот до здравствените услуги во „Идризово“, во Тетово или во другите установи. Состојбите се разликуваат од место до место. Нашата цел е сите лица да имаат еднаков пристап до здравствена заштита – рече таа.

Во однос на причините за недостигот на медицински кадар, Трифуновска посочи дека треба дополнително да се анализира дали проблемот е во недоволниот интерес за работа во затворите, недостигот на финансии или во други системски слабости.

Според заклучоците од извештајот, правото на здравствена заштита во казнено-поправните установи е нормативно признаено, но реалната достапност, навременост и континуитет на услугите остануваат нерамномерни.

Народниот правобранител оценува дека проблемите бараат координиран одговор од Министерството за здравство, Управата за извршување санкции, јавните здравствени установи и Фондот за здравствено осигурување, при што медицинската грижа не смее да зависи од локацијата, семејните ресурси или административните и безбедносните ограничувања.

Во препораките се бара воспоставување национален минимален кадровски модел за затворите, јасни протоколи за ноќни и викенд-служби, подобра достапност до специјалистички услуги, одржлив систем за набавка на лекови, зајакнување на грижата за менталното здравје и воведување поврзан електронски здравствен систем.

Крајната порака на извештајот е дека приоритет треба да биде преминот од формално обезбедена услуга кон мерлива, навремена и континуирана здравствена грижа во секоја казнено-поправна установа.

Би можело да ве интересира

Шасивари: 25 милиони евра за Идризово, нови службеници и затворско разузнавање – мерки за реформа на системот

Горан Наумовски

Пренатрупаност, недостиг на кадар и несоодветни материјални услови и здравствена заштита во затворите

Народен правобранител: 508 случаи на сексуална злоупотреба на деца за пет години, системот со сериозни слабости

Сељами: Институционални пропусти кај семејното насилство – неопходна е итна реакција и без формална пријава

Сиљановска-Давкова: Народниот правобранител не е надлежен за министрите, потребно е непартиско толкување на законите

Селами: Враќањето на довербата во Народниот правобранител е клучен приоритет

Горан Наумовски