Тибетскиот духовен лидер во егзил Далај Лама денеска изјави дека негов наследник првпат во историјата би можела да биде и жена, додавајќи на шега дека „таа мора да биде многу многу привлечна“.
– Ова го кажувам со години. Доколку околностите се погодни, жена Далај Лама може да биде покорисна во служба на патот кон Буда, изјави 78-годишниот тибетски духовен лидер во интервју за италијанскиот весник „Корере дела сера“.
– Доколку тоа се случи таа жена мора да биде многу многу привлечна, со убаво лице, бидејќи женски Далај Лама со грдо лице нема да биде од голема корист, додаде тој на шега.
Далај Лама е во шестдневна посета на Тоскана, Италија, која ја почна на 10 јуни.
Во интервјуто Далај Лама говорел и за папата Франциско, кој, според него, е решен „луѓето да ги направи чесни, искрени и транспарентни“.