Бразилската фудбалска репрезентација со победа од 3:1 против Хрватска го почна 20.то Светско првенство. Играч на натпреварот беше Нејмар, кој постигна два гола (еден од пенал).
Нејмар има 22 години и веќе е 6. на листата на стрелци во историјата на бразилската репрезентација.
– Ова е подобро и од очекуваното. Се надевав на победа, но не на ваков начин да дебитирам на Светско првенство, изјави Нејмар.
Селекторот на бразилската репрезентација Луис Фелипе Сколари покрај своите играчи ги пофали и навивачите на „Коринтианс Арена“, како и репрезентативците на Хрватска.
– Моите играчи беа фантастични, останаа мирни и направија пресврт на првиот натпревар од Мундијалот, што не е нималку лесно. Одлична беше и поддршката од трибините, а и Хрватска покажа дека е добар тим. Тоа е тим кој ја контролира топката и заслужуваат пофалби за играта, истакна Сколари.
Бразил натпреварот од второто коло го игра на 17 јуни (вторник) во Форталеза против Мексико.