Балони во стаклена градина. Фото: Aaron Freimark, 2008
Власта може да контролира сѐ што е во стилот на нејзините тоталитарни манири или да не контролира ништо што не е во духот на нејзините слободарски демократски принципи.
Пишува: Зоран Иванов
Походот за освојување на медиумите, кој по девет, десет години владеење еве резултира со нивна целосна потчинетост, денес му дозволува на премиерот да ни порача дека медиумите се слободни, независни и дека се „надуен балон“ тврдењата за негова контрола врз нив. И секако, најарогантна е искажаната премиерова мисла според која оваа фама за неслободни медиуми ја шират „од страна на опозицијата контролираните медиуми “ . Го вели тоа сега кога и врапчињата знаат дека финансиски исцедената опозиција не е повеќе во можност ниту да ги финансира сопствените активности, а камо ли да поседува и да контролира медиуми.
Сликата за македонската актуелна општествена платформа деновиве во интервјуто во стилот на трендовското селфи или „самиот прашањата – самиот одговорите“, низ својот визир во авто интервјуто транспортирано преку државната Македонска информативна агенција (МИА), ни ја соопшти премиерот Никола Груевски. Состојбата со медиумите не била каква што ја гледа целиот европски и светски мониторинг, туку онаква каква што тој, исто така, добро ја знае, ама ни ја предочува од својата моќна позиција од која секоја негова оценка е факт и толку. А еве, неговите „факти“ не ги есапат ниту светските монитори, ниту европските констатации зашто овде, кај нас, единствено важат фактите проектирани од позициите на позицијата.
Деновиве, многу реакции, коментари, дијалози на патката на премиерот за „надуениот медиумски балон“. Од содржината на интервјуто излегува дека сите состојби во општествово како да се детска игра. Не посочувајќи како, со невидена леснотија за медиумите порача дека нивниот општествен статус „може да биде и подобар“. Дали можеби ќе биде уште подобар доколку власта ги купи или ги банкротира уште неколкуте неконтаминирани, па, сепак, веќе доволно исплашени и самоцензурирани редакциски оази?
СПИНОТ КАКО СЕКОЈДНЕВНА НОВИНАРСКА ПРАКСА
„Новинарска патка“ во меѓународниот новинарски свет е традиционален новинарски термин. Објаснувањето упатува на лажна новинска вест, на „благ“ новинарски криминал. На пласирање вест која и по својата содржина и по својата суштина свесно соопштува неточност, а во обид да се манипулира со публиката. Некогаш тоа се правело и се прави како шега, но сѐ почесто и со намера за некоја цел. Како насловни содржини се практикуваат за први април, но најчесто и редовно со перфидна намера за некаква цел за потребите на некој центар од интерес за авторот, редакцијата, политиката, бизнисот.
Денес поимот е вулгаризиран и помодарски интернационализиран. Заменет е со терминот „спин“. Суштината, и по форма и по содржина, е иста со таа разлика што употребата, спинувањето сега толку згусна, толку зачести, што стана дел од „редовното“ македонско новинарство. Стана елементарна алатка во функција на спин центрите вгнездени во партиските и владините пропагандни штабови. Најшироката публика, медиумските консументи, многу, многу често и самите новинари, се жртви на таа медиумска лага.
Во такви околности, во еден ваков амбиент во кој се намножија новинарски патки, спинови наместо очигледни факти и особено кога тие се пласираат од највисоките, од највлијателните извори како што е премиер на држава, на пример, по правило секогаш има новинарска тема. Тогаш, наместо со вистината, медиумите почнуваат да се занимаваат едните со зајакнување на изнесените лаги, со вметнување додатни алатки за да се поткрепи уверувањето на вистинитоста на премиеровите искази, вторите, оние кои кај нас сѐ уште упорно, колку што можат, држат до професионалните скрупули, со разградување на тврдењата на премиерот со цел објективизирање на нештата за кои тој зборува. Конкретно, за актуелните македонски новинарски состојби.
ПОХОДОТ ВРЗ МЕДИУМИТЕ ПОЧНА СО ПРВИТЕ ПАРТИСКИ ПОБЕДИ
Меѓутоа, ако премерот вели дека лошата слика за македонските медиуми е „надуен балон“, на тој негов исказ, како расипувач на забавата, му се спротивставува фактот што во неговото веќе деветгодишно владеење, рангирањата на најрелевантните светски мониторинг институции од 30-тите, нѐ сведоа на 130-тите – места. Само овој податок како поглед однадвор за нашите внатрешни медиумски состојби е доволен да ги разобличи неговите тврдења за „надуениот балон“. За редовните годишни европски извештаи за состојбата со медиумите и за партиската и државна контрола врз нив, е веќе здодевно да се зборува. Оценките секоја година се од лоши полоши. Се архивираат како трајни документи, како „демократски печат“ на времето на неговото владеење. Најсилниот факт гледан однадвор е и слободниот пад со неверојатно забрзување не за едно, не за две, пет, десет, туку дури за цели сто места на ранг листата на Репортери без граници. Состојбите дефинитивно и како земја нѐ истуркаа од европските и нѐ сместија во централно-африканските простори. Но, ете, и при само овие најочигледни факти, македонската државно-партиска елита на нацијата ѝ фрла прав в очи, ја прекрива со перде, ѝ вградува колективна катаракта. И сето така едноставно и лесно како тоталитаристичката ароганција да е детска игра со балони.
Веројатно заборави или Никола Груевски мисли дека јавноста заборавила кога тој, во ерата на своите први изборни победи, од партиските собири го почна походот врз медиумите. Кога впечатливо театрално мавташе со еден па со друг весник со повикувања за тоа што да не читаме, која телевизија да не ја гледаме. Со пораки која редакција е платеничка, која е злосторничка и предавничка. Заборави ли кога токму од неговиот кабинет, во сталинистички манир, беа јавно жигосувани новинари кои не беа по ќеифот на неговата „програмска кауза“. И, еве, тој тренд никако да стивне и по неговата, како што вели статистиката, деветта последователна победа. И, како пораз од детска игра со балони, наместо за некое место европски нагоре, македонскиот медиумски балон во ова негово и наше време снема хелиум и се спушти за стотина стапки африкански надолу.
МЕДИУМСКА КОРУПЦИЈА
И сега, кога тој зборува за надуени балони, зарем не си споменува ниту за селективното финансирање на медиумите со буџетски пари, ниту за банкротираните и затворените, ниту за купените, како ни за корумпираните уредници и за доминантниот тренд на новинарскиот партиски активизам, кабинетски проектиран и спинерски негуван. Тој добро знае, отсекогаш манифестирал добра упатеност, потреба за влијание и познавање на медиумските состојби, дека во неговото претпремиерско време од позиција на опозиција и сега, еве речиси деценија, од позиција на прв човек во државава, и во времето кога, како што вели, имало два, три медиуми, дека тие и толку, тогаш беа послободни и попрофесионални од сегашниве колку и да се. Ова еднонасочно негово тврдење дека никогаш порано немало повеќе медиуми на број, никогаш повеќе телевизии национални и локални, портали и радија, во најмала рака е манипулативна теза. Тој факт не може да биде индикатор за новинарски слободи. Власта, впрочем, каква и што е актуелната македонска медиумска слика, може да контролира сѐ што е во стилот на нејзините тоталитарни манири или да не контролира ништо што не е во духот на нејзините слободарски демократски принципи.
Секако, од неговиот светоглед, слободни се медиумите кои владата и партијата на власт ги подуја со буџетски пари. Слободни се новинарите кои од еден во друг медиум се трансферираат, практично се транспортираат преку владиниот кабинет. Слободни се уредниците кои се привилегираат со тендери и високи плати. Слободни се министрите да се самопокануваат во студијата на владините телевизии. Слободна е власта да ги прескока оние малку редакции на кои веќе со години владеење не им пушти ниту денар за своите мал милион кампањи. Ако загриженоста е што токму тие една, две телевизии, едно радио и неколку портали се водечки во јавноста кога се во прашање довербата, објективноста во известувањето и во обработката на темите, оние каде што уште живурка каква таква професионалност, оние чии што покани за интервјуа тој посветено ги игнорира и за кои перманентно се затворени владините извори за информации, тогаш и треба да се има разбирање за премиеровите тврдењата дека оценките на меѓународните институции за состојбата со медиумите е надуен балон.
Во македонската медиумска цветна градина тука и таму како плевел живурка уште по нешто. Премиерот се изјасни за надуениот балон и искажа надеж дека може да биде и подобро. Затоа за крај елементарното прашање: дали тој воопшто ги прочитал сопствените одговори, дали слушнал за нив?
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).