Пукнат балон после журка. Фото: kleuske, 2012
Надуваниот балон од медиумски слободи во Македонија ќе пукне од срам
Пишува: Ерол Ризаов
Има само еден премиер во Европа кој е задоволен од медиумите во својата држава. Тоа е претседателот на нашата влада Никола Груевски. Сите влади страхуваат од медиумската критика, нашата спокојно ужива во високите оценки за нејзината работа. Додека цел свет предупредува дека сме на дното заедно со диктатурите, Груевски е категоричен, вели: одлично е, никогаш немало повеќе медиуми и поголема слобода на изразување и никогаш новинарите не биле подобри и поголеми патриоти. Премиерот Груевски навистина има право да биде пресреќен што во најсиромашната европска земја, каде живеат најбедните граѓани, има огромна медиумска поддршка, невидена досега во долгата и мачна транзиција. Научниците одамна констатирале дека нивото на сиромаштија е еднакво пропорционално со нивото на демократија. Двете заедно тешко, или воопшто не одат. Јас им верувам.
Сосема друго прашање е на што се должи толку таа голема љубов меѓу Груевски и неговите следбеници која најдобро ја отслика режисерот и дипломат Љубиша Георгиевски кога напиша во „Вечер“ дека во водачот на нацијата Груевски е концентрирана илјадагодишна македонска мудрост. Малку тоа ми заличи на оценката на Мирика Велиновска за Бранко Црвенковски кога напиша во „Пулс“ дека државник како Црвенковски се раѓа еднаш на илјада години. Колешката Велиновска не побара обесштетување за преземеното авторство, бидејќи сега се истомисленици со Георгиевски, а Црвенковски не ја оправда историската мисија на спасител што му ја додели Велиновска. Илјадагодишната мудрост и државништво сега се преселија кај Никола Груевски. Натаму тоа ќе си оди по ред кој како ќе дојде на чело на власта.
ВЕЛИЧЕЊЕ НА ВОДАЧОТ
Груевски е толку во фокусот на вниманието на јавноста што медиумите друго и не треба да работат, освен да го величаат водачот и неговите успеси и да ги фалат неизмерно мудрите политики на владата. Големата слобода и медиумска независност со ништо не ги попречува големите новинари жестоко и храбро да се нафрлаат врз непријателската и некреативна опозиција и малубројните критичари на власта, странски платеници и предавници. Затоа, љубовта е обострана. Не само Груевски, туку и новинарите под негова закрила се презадоволни од вниманието, стимулот и професионализмот на својот колективен главен уредник.
Ова идила не може ништо да ја наруши, ама сѐ уште има две-три муви кои брмчат колку да ја снеубават дремката во која запаѓа Македонија од премногу убавина и слобода со која не знае што да прави. Затоа и Груевски посвети посебно внимание на тие муви ѕунѕарки кои го реметат спокојството и уживањето во големите успеси и достигнувања на владата и мудрото раководство. Тие новинари со нивната неискреност кон народот и безидејност со своите политички измислици и памфлети направија лажни приказни за загрозените медиумски слободи, кои го надуваа балонот. Всушност, таа лажна надуеност е нарачка од непријателите на Македонија за да се изврши притисок врз нашата земја божем немало демократија и ѓоа биле загрозени основните човекови права на слободно информирање само за да им се угоди на Грците во спорот со името. Тоа се пораките кои премиерот и неговите следбеници ги соопштуваат на разни начини и со различен јазик сиве овие осум години, со добри изгледи да бидат заострени наредните четири. За едните тоа е надуван балон при огромна и неограничена медиумска слобода, која веќе станува анархична и штетна, за други тоа е резултат на добродушноста и толерантноста на власта која дозволува разни платеници и предавници јавно да работат против својата таковина. Со нив ако не сака државата да се пресмета и да ги смести во затвор, тоа ќе го направи народот како што неодамна повика еден од најолмилените новинари на Груевски. Повикот на јавен линч не го вознемирува Груевски, таков е редот со петата колона која работи против својата татковина. Најголем доказ за груевистите дека во Македонија има голема демократија е што не се уапсени и ликвидирани луѓето кои критички пишуваат за политиките на владата. Со голем вознес го поставуваат прашањето како тоа нема демократија, а вие пишувате критички и ја напаѓате владата и премиерот. Станува единица мерка за нивото на демократијата тоа што неколкумина автори пишуваат квалификувано и критички за злоупотребите на власта и тоа повеќето од нив го прават безмалку цели две децении без оглед кој е на власт. Всушност, тоа е најпримитивното поимање на мерките за демократија, од која гледам не се воздржува ни премиерот, а ни некои добри познавачи на медиумските прилики и неприлики во Македонија.
МОЌТА НА СТОПАТИ ПОВТОРЕНАТА УДАРНА ВЕСТ НА ТВ
Се разбира, немам намера да држам лекција ни за новинарство, ни за демократските дострели во слободните општества. Сите барем малку што биле во овој занает знаат што значи сто пати повторена ударна вест на телевизиите, што значи насловна страница во весниците и списанијата, што значи забрана за пристап до чуствителни и тајни информации, што значи економска зависност и што значи сопственост на медиумите, што значат рекламите и огласите, што значи именувањето на главен и одговорен уредник, што значи премолчување на одредени информации, и постојани диригирани напади врз опозицијата и мал милион други работи со кои се трајно загадени најголемиот дел од македонските медиуми. Реклмирањето на владата и на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ ги има сите елементи на пропаганда во длабоко корумпирано новинарство. Влијанието на влста во уредувачките политики и во преземањето на медиумска сопственост во Македонија е евидентна и лесно препознатлива, дури и за обичните граѓани, а да не зборуваме за професионалните комуниколози и експерти за медиумски слободи.
Веќе предложив истражувачка тема колку главни и одговорни уредници, колку клучни уредници и колклу добри новинари се сменети и зошто останаа без работа во изминатите осум години. Колку телевизии исчезнаа, колку весници и часописи престанаа да излегуваат и колку одлични новинари се избркани од работа, колку сопственици и раководни луѓе во медиумите, новинари се во затвор, или им се заканува лишување од слобода. Сите овие одговори Груевски ги знае, бидејќи е актуелен политичар кој најдолго е на значајни функции, осум години премиер и четири години министер во клучните економски ресори за финансии и трговија. Играњето на картата на кратко памтење е една од специјалностите на Груевски, кој евидентно, дури и во приватни разговори ја премолчува поддршката што ја имаше како лидер на опозицијата, најмногу поради лошото владеење на СДСМ во периодот 2002 – 2006 година. Неповторлива е улогата што тогаш ја одиграа безмалку сите медиуми во критичка опсервација на власта. Тоа беше гордост за македонското новинарство и не случајно стаса на високи позиции на светските ранг листи. Денес тоа е незамисливо кога новинарството е ставено речиси целосно во скутот на власта. Ете, затоа Груевски е многу задоволен од слободата на медиумите. Балонот ќе пукне ама не од надуеност, туку од срам.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).