Македонскиот павилјон на 14. Интернационална изложба на архитектурата – Биенале во Венеција е отворен под покровителство на Министерството за култура, во Артиљерии на Арсенале, а ќе трае до 23 ноември.
Македонија, како што соопшти Министерството за култура, на овој врвен светски архитектонски настан на кој учествуваат 66 земји од светот, се претставува со изложбата „Наоди“.
Македонскиот павилјон е сместен во старата оружарница во престижниот историски комплекс Арсенале, во комплекс од неколку взаемно поврзани објекти на старата оружарница, која нуди извонредни услови за изложување во локациска и во просторна смисла. Во комплексот на старата оружарница, покрај македонскиот, се сместени и павиљоните на Аргентина, Албанија, Костарика, Обединетите Арапски Емирати, Мексико, Перу, Јужна Африка и Турција.
Куратор на изложбата „Наоди“ е Јован Ивановски, доцент на Архитектонскиот факултет во Скопје, кој на проектот работеше со Ана Ивановска-Дескова, Горан Мицковски, Бојан Каранаков, Огнен Марина, Владимир Десков и Александар Радевски.
Интернационалната архитектонска изложба Венециско биенале, е врвен светски архитектонски настан, на кој Република Македонија континуирано се претставува од 2004 година.
Претставувањето на македонската современа архитектура на реномираното и престижно Биенале во Венеција има големо значење за афирмација на македонската култура во светот и создавање позитивна претстава за нашата земја на кое архитектите автентично ќе ја претстават и промовираат македонската модерна архитектура, соопшти Министерството за култура.